Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Joshua 14

:
Macedonian - 2006
1 Еве што наследија синовите Израелови во хананската земја, што им ја раздели свештеникот Елеазар и Исус синот Навинов, и родо­начал­ниците од племињата на Израеловите синови;
2 на деветте племиња и на половината племе, поделба извршија со ждрепка, како што беше заповедал Господ преку Мојсеј,
3 зашто на две и половина племиња Мојсеј им даде наследство од онаа страна на Јордан; а на левитите не им даде дел меѓу нив,
4 бидејќи од Јосифовите синови про­из­легоа две племиња: Манасиевото и Ефремовото; поради тоа не им се даде на левитите дел од земјата, туку гра­дови за живеење и предградија за нивниот добиток и за други нивни потреби.
5 Како што му беше заповедал Господ на Мојсеј, така и направија синовите Израелови, кога ја разделуваа земјата.
6 Јудините синови дојдоа во Гилгал кај Исус. И му рече Халев, синот Јефунеов, од родот на Кеназ: „Ти знаеш, што му говореше Господ на Мојсеј, човекот Божји, за мене и за тебе во Кадис-Барнеа.
7 Јас бев на четириесет години, кога Мојсеј, слугата Господов, ме прати од Кадис-Барнеа да ја разгледам земјата и му донесов одговор, она што ми беше на срцето;
8 браќата мои, кои одеа со мене, го обесхрабрија срцето на народот, но јас точно Го следев Господа, мојот Бог;
9 и се заколна Мојсеј во оној ден, велејќи: ‚земјата, по која одеше, ќе биде наследство за тебе и за децата твои за навек, бидејќи ти одеше точно по Господ, мојот Бог.‘
10 И така, ете, Господ ме запази жив, како што говореше; четириесет и пет години веќе изминаа, откога Господ му ги беше кажал тие зборови на Мојсеј, и Израел одеше по пустина; сега, еве, јас сум на осумдесет и пет години;
11 но и сега сум толку цврст, како и тогаш, кога ме прати Мојсеј: колку што имав сила тогаш, толку имам и сега, да влегувам, да излегувам и да војувам.
12 Затоа, дај ми ја таа гора, за која го­вореше Господ во оној ден; бидејќи ти чу во тој ден дека таму живеат Ана­ко­вите синови, и тие имаат градови големи и утврдени; можеби, Господ ќе биде со мене, и јас ќе ги истерам, како што ми рече Господ.“
13 Исус го благослови и му го даде во наследство Хеврон на Јефунеовиот син Халев.
14 Затоа Хеврон остана и до денес во наследство на Јефунеовиот син Халев, од Кеназиевиот род, бидејќи постојано се покоруваше на заповедите од Господ, Израеловиот Бог.
15 Името на Хеврон порано беше Кирјат-Арба, или град на Арба, како што се викаше еден крупен човек меѓу синовите Анакови. Така земјата се смири од војна.