Joshua 13
1 Кога Исус остаре и навлезе во поодмината возраст, Господ му рече: „Ти остаре и веќе си во поодминати години, а останува уште многу да се завладее.
2 Остануваат уште овие земји: сите филистејски предели и сите области на Гесуријците.
3 Од Шихор кој е кон Египет до границите на Екрон на север, се смета како подрачје на Хананците. Тоа се пет филистејски кнежества со главни градови: Газа, Ашдод, Ашкелон, Гет и Екрон како и територијата на Авимците.
4 На југ, пак, целата хананска земја и Меара Сидонска, до Афека и до аморејските предели,
5 исто така целата земја Гевла и источен Ливан од Ваал-Гад, во подножјето на Ермон, до Емат.
6 Сите планински жители од Ливан до Мисрефот-Маим, сите сидонци, Јас ќе ги избркам пред синовите Израелови. Па раздели му ја таа земја со ждрепка во наследство на Израел, како што ти заповедав;
7 раздели ја оваа земја сега како дел од наследството на деветте племиња и на половината од Манасиевото племе.“
8 А племето Рувимово и Гадово, со другата половина од Манасиевото племе, го добија својот дел од Мојсеј од онаа страна на Јордан, на исток, како што им беше дал Мојсеј, слугата Господов,
9 од Ароер, кој е до устието на потокот Арнон, и од градот, кој е среде долината, целата висорамнина Медева дури до Дивон.
10 Исто така сите градови на аморејскиот цар Сихон, кој царуваше во Есевон дури до пределите на Амоновите синови,
11 како и Галаад и Гесурската и Маахатската област, и целата планина Ермон и целиот Башан до Салеха,
12 целото царство Огово во Башан, кој царуваше во Аштарот и во Едреи. Само тој остана од гигантите, зашто Мојсеј нив ги победи и ги протера.
13 Но Израеловите синови не ги избркаа жителите на Гесур и Маахат кои живеат меѓу Израелците и до ден-денешен.
14 Само на Левиевото племе не му даде наследство; Господ, Израеловиот Бог, е негово наследство, како што му беше рекол Господ;
15 на племето на Рувимовите потомци според родовите нивни Мојсеј им даде дел:
16 нивните предели беа од Ароер на устието од реката Арнон, и градот, што е во долината Арнонска, како и висорамнината околу Медева,
17 Есевон со сите градови на висорамнината: Дивон, Бамот-Ваал и Бет-Ваал-Меон.
18 И Јахца и Кедемот, и Мефаат;
19 и Кирјатаим, и Сивма и Церет-Шахор,
20 и Бет-Пеор, и падините на Фазга и Бет-Јешимот;
21 сите градови на висорамнината и целото царство на аморејскиот цар Сихон, кој царуваше во Есевон, и кого го победи Мојсеј, како и мидјанските старешини Евиј, и Рекем, и Цур, Ор и Рева, вазали на Сихон, што живееја во таа земја;
22 исто така и врачот Валаам, Беоровиот син, го убија со меч Израеловите синови.
23 Граница на пределите на Рувимовите синови беше Јордан. Тоа беше делот на Рувимовите синови според нивните племиња — нивните градови и селата.
24 Мојсеј им даде наследство и на Гадовите синови, според нивните племиња:
25 нивни предели беа Јазер и сите галаадски градови и половината од земјата на Амоновите синови до Ароер, кој е наспроти Рава;
26 и земјите од Есевон до Рамат-Мицпа и Бетоним и од Маханаим до границата со Давир,
27 а и во долината: Бет-Харам, и Бет-Нимра, и Сукот, и Цафон, остаток од царството на хешбонскиот цар Сихон; неговата територија беше од Јордан до Генисаретското Езеро — од онаа страна на Јордан, кон исток.
28 Тоа е наследството на Гадовите синови според нивните племиња, — нивните градови и нивните села.
29 Мојсеј му даде дел и на половината од Манасиевото племе, според родовите нивни;
30 нивни предели беа: од Маханаим, и целото царство Башанско, и целиот Башан на башанскиот цар Ог и сите Јаирови населби во Башан — шеесет градови;
31 а половината од Галаад, и Аштарот и во Едреи, градови царски на Ог Башански, тие им беа дадени на синовите од Махир, Манасиев син, а тоа значи на Махировите синови, според родовите нивни.
32 Тоа е наследството што им го даде Мојсеј во Рамнините Моавски од онаа страна на Јордан, спроти Ерихон, кон исток.
33 А на Левиевото племе Мојсеј не им даде дел: Самиот Господ, Бог Израелов, е нивни дел, како што им беше рекол Тој.