1Кога разбра Исус дека фарисеите чуле дека Тој придобива повеќе ученици отколку Јован и крштаваше,
2макар што Самиот Исус не крштаваше, туку учениците Негови,
3ја напушти Јудеја и отиде пак во Галилеја.
4Требаше да мине преку Самарија.
5Така, дојде во самарјанскиот град, наречен Сихар, близу до земјиштето, што му го даде Јаков на својот син Јосиф.
6Таму беше изворот на Јаков. И Исус, изморен од патот, седна покрај изворот; а беше околу шестиот час.
7Дојде една жена од Самарија, за да полни вода. Исус ѝ рече: „Дај Ми да пијам!“
8А учениците Негови беа отишле во градот да купат храна.
9Жената Самарјанка Му рече: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ Зашто Јудејците со Самарјаните не се мешаат.
10Исус ѝ одговори и рече: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ‚Дај Ми да пијам‘ — ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал жива вода.“
11Жената Му рече: „Господи, Ти нема со што да нацрпеш, а кладенецот е длабок; од каде, пак, имаш жива вода?
12Зар си Ти поголем од нашиот татко Јаков, кој ни го даде овој кладенец!? И самиот тој пиеше од него, и синовите негови, и добитокот негов!“
13Исус ѝ одговори и рече: „Секој што пие од оваа вода, пак ќе ожедни;
14а кој пие од водата, што ќе му ја дадам Јас, нема никогаш да ожедни; таа во него ќе стане извор на вода што ќе тече во живот вечен.“
15Жената Му рече: „Господи, дај ми таква вода за да не ожеднувам, ниту да идам овде за полнење!“
16Исус ѝ рече: „Оди, повикај го твојот маж и дојди тука!“
17Жената одговори и Му рече: „Немам маж.“ Исус ѝ рече: „Право кажа дека немаш маж;
18зашто петмина мажи си имала и овој, што го имаш сега, не ти е маж; право рече.“
19Жената Му одговори: „Господи, гледам дека си Ти пророк!
20Нашите татковци се поклонуваа на оваа планина, а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се поклонуваме.“
21Исус ѝ рече: „Жено, верувај Ми дека доаѓа време кога ни на оваа планина, ниту во Ерусалим не ќе се поклонувате на Отецот.
22Вие му се поклонувате на она што не го знаете, а ние се поклонуваме на она што го знаеме; зашто спасението е од Јудејците.
23Но иде време и веќе дошло кога вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина, зашто Отецот сака такви да бидат оние кои Му се поклонуваат.
24Бог е Дух и оние што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина.“
25Жената Му рече: „Знам дека ќе дојде Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сѐ ќе ни каже.“
26А Исус ѝ рече: „Јас сум, Кој зборува со тебе.“
27И тогаш дојдоа учениците Негови и се зачудија дека говореше со жена; но ниеден не Му рече: „Што сакаш?“ или: „Зошто зборуваш со неа?“
28А жената ја остави својата стомна и отиде в град и им рече на луѓето:
29„Дојдете, видете Го човекот Кој ми кажа сѐ што сум направила. Да не е Тој Христос?“
30Тогаш тие излегоа од градот и тргнаа кон Него.
31Во тоа време, пак, учениците Го молеа, велејќи: „Рави, јади!“
32Но Тој им рече: „Јас имам храна за јадење, што вие не ја знаете.“
33Тогаш учениците си проговорија меѓу себе: „Да не Му донел некој да јаде?“
34А Исус им рече: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној Кој Ме пратил и да го извршам Неговото дело.
35Не велите ли вие дека уште четири месеци, па ќе настане жетва? А јас, пак, ви кажувам: подигнете го погледот и видете ги нивите како побелеле, готови за жетва.
36И жетварот веќе добива плата и собира плод за вечен живот, та да се радуваат заедно и сејачот и жетварот.
37Зашто во ова вистинита станува поговорката: ‚Еден сее, а друг жнее.‘
38Јас ве испратив да го жнеете она за што не сте се труделе; други се трудеа, а вие влеговте во нивниот труд.“
39И мнозина Самарјани од тој град поверуваа во Него поради зборовите на жената која сведочеше: „Ми кажа сѐ што сум направила.“
40Кога дојдоа, пак, Самарјаните кај Него, Го замолија да остане кај нив. И Тој остана таму два дена.
41И уште повеќе поверуваа поради словото Негово;
42а на жената ѝ велеа: „Сега веќе не веруваме само заради твоето кажување, зашто сами чувме и знаеме дека Тој е Спасителот на светот, Христос.“
43А по два дни, Тој замина оттаму и отиде во Галилеја.
44Зашто Сам Исус беше посведочил дека пророкот во своето родно место нема почит.
45Кога дојде, пак, во Галилеја, Галилејците Го примија, зашто беа виделе сѐ што извршил во Ерусалим на празникот; зашто и тие беа на празникот.
46И така, Исус пак дојде во Кана Галилејска, каде што беше претворил вода во вино. Имаше еден царски човек, чиј син беше болен во Капернаум.
47Тој, штом чу дека Исус пристигнал од Јудеја во Галилеја, отиде кај Него и Го замоли да слезе и да му го излекува синот, зашто беше на умирање.
48А Исус му рече: „Ако не видите знаци и чуда, нема да поверувате?“
49Царскиот човек Му рече: „Господи, дојди додека уште не ми умрело детето!“
50А Исус му одговори: „Оди си! Твојот син е жив!“ И човекот поверува на зборот што му го кажа Исус и си замина.
51И веднаш, уште додека слегуваше, го сретнаа слугите негови и му јавија: „Синот твој е жив!“
52А тој ги праша за часот кога му станало полесно. Тие му одговорија: „Од вчера во седмиот час веќе нема треска.“
53Тогаш таткото разбра дека тоа станало во истиот час кога Исус му рече: „Твојот син е жив!“ И поверува тој и целиот негов дом.
54Ова беше второто чудо што го изврши Исус, кога пристигна од Јудеја во Галилеја.