1Меѓу фарисеите имаше еден човек по име Никодим, началник јудејски.
2Тој дојде кај Исус ноќно време и Му рече: „Рави! Знаеме дека си Ти учител, дојден од Бога, зашто никој не може да ги прави овие чуда што ги правиш Ти, ако Бог не е со него.“
3Исус му одговори и рече: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.“
4Никодим Му рече: „Како може човек да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?“
5А Исус му одговори: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо;
6зашто, роденото од тело, е тело; а роденото од Дух, е дух.
7Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора.
8Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Духот.“
9Никодим Му одговори и рече: „Како може тоа да биде?“
10Исус одговори и му рече: „Ти си учител во Израел, па тоа ли не го знаеш?
11Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате.
12Кога за земни работи ви зборувам и не верувате, како ќе поверувате кога би ви говорел за небесните?
13Никој не се искачил на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој е на небото.
14И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки,
15та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен.
16Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него да не загине, туку да има вечен живот.
17Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.
18Кој верува во Него — нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден, зашто не поверувал во името на Единородниот Син Божји.
19А овој суд е затоа што Светлината дојде на светот, но луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли.
20Зашто секој, што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат разоткриени неговите дела (бидејќи се лукави).
21А оној што твори вистина, оди кон светлината за да се видат неговите дела, бидејќи се по Бога извршени.“
22Потоа дојде Исус со учениците Свои во земјата Јудејска, и таму живееше со нив и крштаваше.
23А Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштаваа,
24зашто Јован уште не беше фрлен во затвор.
25Тогаш настана расправија меѓу учениците Јованови и Јудејците околу очистувањето.
26И дојдоа кај Јован и му рекоа: „Рави, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Тој крштава и сите одат кај Него.“
27А Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото.
28Вие самите сте мои сведоци дека реков: ‚Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него.‘
29Оној што ја има невестата е младоженец; а пријателот на младоженецот, кој стои и го слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа моја радост се исполни.
30Тој треба да расте, а јас да се смалувам!“
31„Кој доаѓа одозгора, тој е над сите; а кој е од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото, Тој е над сите.
32И за она што виде и чу, за тоа сведочи; и сведоштвата Негови никој не ги прима.
33А тој што го примил Неговото сведоштво потврдил дека Бог е вистинит.
34Тој што е испратен од Бога, кажува Божји зборови; зашто Бог Го дава Духот неизмерно.
35Зашто Отецот Го љуби Својот Син и сѐ Му даде во раката Негова.
36Кој верува во Синот, има вечен живот; а кој не верува во Синот, нема да види живот, но гневот Божји ќе биде врз него.“