1На третиот ден имаше свадба во Кана Галилејска и мајката на Исус беше таму.
2На свадбата беа поканети и Исус и Неговите ученици.
3А кога приврши виното, Му рече мајка Му на Исус: „Им снема вино.“
4Исус ѝ рече: „Што бараш од Мене, жено? Уште не дошол Мојот час.“
5Но мајка Му Негова им рече на слугите: „Сѐ што ќе ви рече, направете!“
6А таму имаше шест камени садови за вода, поставени за миење, според јудејскиот обичај, што собираа по две до три мери.
7А Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!“ И тие ги наполнија до горе.
8Па им кажа: „Нацрпете сега и однесете му на старосватот!“ И му однесоа.
9И кога вкуси старосватот од виното, што беше станало од вода — а тој не знаеше од каде е, но слугите, што ја беа донеле водата, знаеја — тој го повика младоженецот,
10и му рече: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат гостите, тогаш полошото; но ти си го чувал доброто вино до сега.“
11Така направи Исус почеток на Своите чуда во Кана Галилејска и ја покажа славата Своја; и учениците Негови поверуваа во Него.
12Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, браќата Негови и учениците Негови; и таму остана неколку дена.
13Се приближуваше Пасха јудејска и Исус се искачи во Ерусалим;
14и ги затече во храмот оние што продаваа волови, овци и гулаби, и менувачите на пари — како седат.
15И направи камшик од врвци, ги избрка од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврте масите,
16па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го тоа одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за трговија!“
17Учениците, пак, Негови тогаш се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот дом Ме изеде.“
18А Јудејците одговорија и Му рекоа: „Со каков знак ќе ни докажеш дека го правиш тоа?“
19И им одговори Исус и рече: „Урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам.“
20А Јудејците рекоа: „Овој храм е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?“
21Но Тој говореше за храмот на Своето тело.
22А кога воскресна од мртвите, се сетија учениците Негови дека за ова беше говорел, и поверуваа на Писмото и на зборот, што го беше рекол Исус.
23И кога беше во Ерусалим на празникот Пасха, мнозина, гледајќи ги чудесните знаци Негови, што ги правеше, поверуваа во Неговото име.
24Но Самиот Исус не им се доверуваше, бидејќи ги познаваше сите,
25и немаше потреба никој да Му сведочи за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот.