1Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.
2Тоа во почетокот беше во Бога.
3Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана.
4Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето.
5Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати.
6Имаше еден човек по име Јован, испратен од Бога;
7тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него.
8Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината.
9Беше Вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓаше во светов.
10Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна.
11Дојде кај Своите, но Своите не Го примија.
12А на сите што Го примија — на сите што веруваа во Неговото име — им даде моќ да станат чеда Божји;
13кои не по крв, ни по желба на телото, ни од похот машка, туку од Бога се родија.
14И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.
15Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“
16И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат;
17зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината произлегоа од Исус Христос.
18Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот — Тој Го објави.
19И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свештеници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“
20Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“
21И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ Одговори: „Не сум.“ „Пророк ли си?“ И одговори: „Не.“
22А тие му рекоа: „Па кој си, за да можеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; Што велиш за себеси?“
23Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Господовиот пат, како што вели пророкот Исаија.“
24А испратените беа од фарисеите;
25и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштаваш, кога не си Христос, ни Илија, ниту пророк?“
26Јован им одговори и рече: „Јас крштавам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.
27Тој е Оној што иде по мене, Кој беше пред мене, и Кому јас не сум достоен да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови.“
28Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштаваше Јован.
29На другиот ден Го виде Јован Исус како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!
30Овој е, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи постоеше пред мене.
31Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за Тој да му биде објавен на Израел.“
32И сведочеше Јован, велејќи: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него.
33Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштавам со вода, ми рече: ‚Врз Кого ќе видиш дека слегува Духот и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштава со Дух Свети.‘
34И јас видов и посведочив дека Овој е Божјиот Син.“
35А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.
36И штом Го виде Исус како оди, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“
37Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исус.
38А Исус, кога се сврте и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави (што значи — Учителе), каде живееш?“
39Им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него. Беше околу десеттиот час.
40А еден од двајцата, што беа чуле за Исус и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симон Петар.
41Тој прво го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос.“
42И го одведе кај Исус. А Исус го погледна и му рече: „Ти си Симон, синот на Јован; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар.“
43На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: „Тргни по Мене!“
44И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар.
45Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Исус, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците!“
46А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му одговори: „Дојди и види!“
47Исус, пак, кога го виде Натанаил како доаѓа кај Него, рече: „Еве вистински Израелец, во кого нема лукавство!“
48Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.“
49Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израел!“
50А Исус, одговарајќи, му кажа: „Дали веруваш, бидејќи ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш повеќе од ова.“
51И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.“