Job 6
1 Одговори Јов и рече:
2 „О, да беа точно измерени маките мои, и заедно со нив да го беа ставиле на терезија страдањето мое!
3 Тие навистина би биле потешки од морскиот песок! Затоа зборовите ми се жестоки.
4 Стрелите на Седржителот се во моето тело; духот мој нивниот отров го пие; ужасите Божји се управија против мене.
5 Рика ли диво магаре при трева? Мука ли бик над крмата своја?
6 Се јаде ли блуткавото без сол и има ли вкус белката од јајцето?
7 До она до кое душата моја не сакаше да се допре, тоа ми е сега храна во болеста.
8 О, да се беше збиднала желбата моја, и Бог да го исполнеше очекувањето мое!
9 О, да сакаше Бог да ме сотре, да ме удреше со раката Своја и да ме уништеше!
10 Тоа би ми била вистинска утеха, иако горам од мојата безмилосна болест, бидејќи не се откажав од зборовите на Светиот.
11 Колку ми е силата, та да се надевам на себе самиот? И каков е крајот, та да го продолжувам животот мој?
12 Тврда како камен ли е силата моја? И од бакар ли е телото мое?
13 Има ли во мене помош за мене, има ли за мене некоја поткрепа?
14 Кој одбива милост кон ближниот свој, ако тој не престанал да се бои од Севишниот Бог?
15 Како поток ме напуштија браќата мои, како бујни потоци коритото свое.
16 Како снег и мраз што се топат од топлина и не се познава што имало.
17 Во сушно време тие намалуваат, а во време на жеги исчезнуваат од местата свои.
18 Ја менуваат насоката на патиштата свои, навлегуваат во пустина и се губат;
19 погледнуваат кон нив карваните темајски, им се надеваат патниците од Сева,
20 но остануваат измамени во својата надеж: одат таму и црвенеат од срам.
21 Такви сте и вие сега кон мене: видовте стравотија и се исплашивте.
22 Ви реков ли: дајте ми, или подајте ми нешто од вашиот вишок;
23 избавете ме од раката душманска, откупете ме од раката на мачителите?
24 Научете ме, и јас ќе замолчам; покажете ми во што сум згрешил.
25 Колку се силни искрените зборови! Но што кажуваат вашите прекори?
26 Мислите ли зборовите мои да ги изобличите? Во ветар ги фрлате зборовите ваши!
27 Го напаѓате сиракот и му копате јама на пријателот свој.
28 Но, ве молам, погледнете ме: зборувам ли лага пред вашето лице?
29 Погледајте: има ли неправда? Погледајте — правдата е на моја страна.
30 Има ли во јазикот мој неправда? Зар грлото мое не може да го разликува лошото?“