Job 7
1 „Нели е ограничен земниот живот за човекот? Дните негови нели се како дни на наемник?
2 Како што робот копнее за сенка, и како што наемникот го чека крајот на работата своја,
3 така и јас добив наследство месеци на небиднина; тажните ноќи ми се изброени.
4 Легнувајќи, си мислам: кога ли ќе станам? А ноќта е бескрајна и несоница ме измачува од вечерта до утрото.
5 Телото ми е покриено со црви и прашливи наслаги; кожата ми се распукнува и гнои;
6 деновите мои летаат побрзо од совалка и исчезнуваат без надеж.
7 Спомни Си дека животот мој е ветар, дека окото мое нема веќе добро да види.
8 Нема да ме види окото на оној што ме видел; Твоите очи се на мене, а мене ме нема,
9 како кога облак се проретчува и исчезнува, така слезениот во гроб нема да излезе;
10 нема повеќе да се врати во куќата своја; ни местото негово нема веќе да го познае.
11 Затоа нема да ја воздржувам устата своја; ќе говорам иако сум тажен во духот свој, ќе се поплакувам во горчината на душата своја.
12 Зар сум море или морско чудовиште, та си поставил стража над мене?
13 Кога ќе си помислам: ‚Моето легло ќе ме утеши; мојата постела ќе ја однесе тагата моја.‘
14 Ти ме плашиш со соништа и со привиденија ме ужаснуваш!
15 Затоа душата моја сака повеќе да се прекине дишењето, подобро смрт; смртта ми е помила од моите маки.
16 Ми омрзна животот! Нема вечно да живеам. Оддалечи се од мене, дните мои се само суета.
17 Што е човекот, та толку си го издигнал? И такво внимание му обрнуваш?
18 Зошто го посетуваш секое утро? Зошто го искушуваш секој миг?
19 Кога ќе ме оставиш? Кога ќе си одиш од мене? Кога ќе ми дозволиш плунката своја да ја голтнам?
20 Ако сум згрешил, што сум направил, о чувару над луѓето? Зошто ме избра за Своја мета, па да сум Ти на товар?
21 Зар престапот мој не можеш да го однесеш? Зар не можеш да ми го простиш беззаконието мое? Зашто, ете, уште малку и во прав ќе легнам; утре ќе ме побараш, а нема да ме има.“