1„Ајде викај! Има ли кој да ти одговори? На кого од светиите мислиш да му се обратиш?
2Вистина, гневот го убива глупавиот, раздразнетоста го погубува безумниот.
3Видов како глупавиот се закоренува, но веднаш проклетството на домот негов падна.
4Децата негови се далеку од спасение, нив ќе ги бијат кај портите; зашто ќе нема кој да ги заштити.
5Жетвата негова ќе ја изедат гладните, низ трњето ќе ја извлечат; алчните ќе го голтнат имотот негов.
6Не, жалоста не излегува од земјата, нити злото изникнува од почвата;
7човекот се раѓа, за да страда, како и искрите — за да летаат угоре.
8Но јас би се обрнал кон Бога и делото свое пред Бога би го поставил.
9Тој создава дела големи и неиспитливи, чудни и без број,
10ѝ дава дожд на земјата и им испраќа вода на полињата;
11понизените ги издигнува на високо, и натажените ги утешува и ги спасува.
12Тој го урива она што лукавите го градат, рацете нивни не го довршуваат започнатото.
13Тој ги фаќа мудрите во стапицата на нивното лукавство, и замислата на итрите се осуетува;
14Среде бел ден запаѓаат во темнина; напладне одат со пипање, како ноќе.
15Тој го спасува сиромавиот од меч, а слабиот и од раката на силниот.
16И за слабиот има надеж, и неправдата ја затвора устата своја.
17Блажен е човекот кого Бог го опоменува. Затоа не отфрлувај ги поуките на Седржителот,
18зашто Тој нанесува рани и Самиот ги преврзува; Тој поразува, и со Свои раце лекува.
19Од шест беди ќе те избави и во седмата зло нема да те стигне.
20Во време на глад ќе те спаси од смрт, и во војна — од острината на мечот.
21Од камшикот на јазикот ќе се сокриеш, и нема да се уплашиш од опустошувањето кога ќе дојде.
22На опустошувањето и на гладот ќе им се потсмееш, од ѕверовите земни нема да се уплашиш;
23зашто си во сојуз со камењата полски, а полските ѕверови се во мир со тебе.
24Ќе дознаеш дека куќата ти е во безопасност, ќе си го гледаш живеалиштето и нема да згрешиш.
25Ќе видиш дека семето ти е многубројно, а челадта твоја е како трева на земјата.
26Ќе легнеш во гроб кога ќе стигнеш до зрелост, како што се редат житните снопја.
27Ете, тоа сме го испитале: вистината е жива; затоа чуј го сето ова и запомни го добро.“