Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Job 38

:
Macedonian - 2006
1 Тогаш Господ му одговори на Јов од бурата и рече:
2 „Кој е тој што го замрачува Про­видението со зборови без смисла?
3 Препашај ја сега половината своја како маж, Јас ќе те прашувам, а ти објаснувај Ми:
4 Каде беше ти кога ги поставував основите на земјата? кажи, ако знаеш.
5 Кој ѝ ги определи мерките, знаеш ли? Кој го оптегнува јажето околу неа?
6 Врз што се зацврстени основите нејзини? Кој ѝ го положи аголниот камен,
7 кога ликуваа утринските ѕвезди, и кога сите Божји синови извикуваа од радост?
8 Кој го затвори морето со врата, кога тоа се истргна, та излезе како од утроба;
9 кога облаците ги направив негова облека и маглата негова повивка;
10 кога му ја дадов Мојата наредба и му наместив клучалки и врата;
11 кога му реков: ‚Дотука ќе дојдеш и нема да преминуваш, и тука е границата на твоите горди бранови?‘
12 Си му давал ли ти некогаш во животот свој заповед на утрото и си ѝ го посочувал ли на зората местото нејзино,
13 за да ги опфати краиштата на земјата и да ги истресе од неа безбож­ниците,
14 за да се измени земјата како глина под преса и да стане како разнобојна облека,
15 да се одземе од беззакониците светлината нивна и да се скрши издигнатата рака нивна?
16 Си слегувал ли во длабочината мор­ска и си влегувал ли да ја испитуваш бездната?
17 Се отворале ли пред тебе вратите на смртта; си ја видел ли ти вратата на смртната сенка?
18 Си ја разгледал ли ширината на земјата? Кажи го, ако го знаеш сето тоа.
19 Каде е патот кон живеалиштето на светлината и каде е местото на темнината,
20 за да стигнеш до границите нејзини и да ги знаеш патеките до домот нејзин?
21 Ти го знаеш тоа, зошто тогаш беше веќе роден и бројот на дните твои е мошне голем!
22 Си влегувал ли ти во местата на снегот и си ги видел ли сокровиштата на градот,
23 што Јас ги чувам за смутно време, за денот на битка и војна?
24 По кој пат се разлева светлината и се разнесува источниот ветар по земјата?
25 Кој ги отвора потоците за изливање на водата и патот за громоносните светкавици,
26 за да паѓа дожд врз земјата без луѓе, врз пустината, каде што нема човек;
27 за да ја заситува пустината и степата и да ги разбудува зелените 'ркулци да никнуваат?
28 Има ли дождот татко? Или кој ги раѓа капките на росата?
29 Од чија утроба излегува мразот; и кој ја раѓа небеската слана?
30 Водите како камен да се зацврстуваат, и површината на бездната да замрзнува.
31 Можеш ли да го врзеш јазолот на Плејадите, да ги разврзеш врските на Орион?
32 Можеш ли да ја изведуваш Деница во времето нејзино и да ја водиш Големата Мечка со нејзините малечки?
33 Ги знаеш ли законите на небото, можеш ли да уредиш тоа да владее над земјата?
34 Можеш ли да го кренеш гласот свој до облаците, за да те покрие обилно водата?
35 Можеш ли да испраќаш молњи, и штом тргнат, да ти речат: ‚еве нѐ?‘
36 Кој вложи мудрост во срцето, и кој му даде смисла на разумот?
37 Кој може да ги преброи облаците со својата мудрост и да ги задржи садовите од небото,
38 кога правот се претвора во кал и грутките се слепуваат?
39 Ти ли ловиш плен за лавицата и ги наситуваш лавчињата,
40 кога тие лежат во леглата или почиваат под сенка во заседа?
41 Кој ѝ ја приготвува храната на вра­ната кога пиленцата нејзини, скитајќи без храна, викаат кон Бога?“