Job 36
1 И пак продолжи Елијуј и рече:
2 „Стрпи се малку, ќе ти покажам, зашто има уште нешто да кажам за Бога.
3 Ќе го почнам зборот мој оддалеку и ќе ти покажам дека мојот Создател е справедлив,
4 навистина зборовите мои не се лага: пред тебе е оној, кој исправно мисли.
5 Ете, Бог е моќен, но никого не презира; силен е со крепкото срце Свое;
6 не ги поддржува безбожниците, а угнетените ги оправдува;
7 не ги отстранува очите Свои од праведниците, но заедно со царевите ги става засекогаш на престол; и тие се воздигаат.
8 Ако, пак, се оковани во вериги и се држат во оковите на неволјата,
9 тогаш им ги напомнува делата нивни и беззаконијата нивни, бидејќи се умножиле.
10 Го отвора увото нивно за вразумување, им вели да се оттргнат од беззаконието.
11 Ако послушаат и почнат да Му служат, ќе ги поминат дните свои во добро и годините свои во радост;
12 Ако, пак, не послушаат, гинат од стрела и умираат во безумие.
13 Но лицемерните имаат во срцето свое гнев и не се обрнуваат кон Него, кога ги врзува во окови;
14 затоа душата нивна умира во млади години, и животот нивни згаснува со блудници.
15 Тој го спасува страдалникот од маката негова и, кога е угнетен, му го отвора увото.
16 И тебе би те извел Тој од теснината на широко, каде што нема угнетување; и трпезата твоја би била полна со мрс;
17 Но ако ти си полн со безбожнички мисли, судот и осудувањето ќе те снајдат.
18 Да не те порази Божјиот гнев со казна! Голем откуп нема да те избави.
19 Нема да гледа на Твоето богатство, ниту на златото, ниту на какво и да било сокровиште твое.
20 Не воздивнувај за онаа ноќ кога народите се истребуваат на местото свое.
21 Чувај се, не подавај се на нечестието што си го претпочитал пред страдањето.
22 Бог е најголем со силата Своја; кој е таков учител, како Него?
23 Кој ќе Му Го посочи патот Негов? Кој може да Му каже: постапуваш неправедно?
24 Не заборавај да ги величаш делата Негови, што луѓето ги гледаат.
25 Сите луѓе можат да ги видат; човек може да ги види и оддалеку.
26 Ете, Бог е голем, и ние не можеме да Го познаеме; бројот на годините Негови е неиспитан.
27 Тој ги води водните капки: тие собрани се лијат како дожд,
28 капат од облаците и се изливаат изобилно врз луѓето.
29 И кој може да го разбере ширењето на облаците, трескотот во шаторот Негов?
30 Ете, Тој ја распростира врз нив светлината своја и го покрива морското дно.
31 Оттаму Тој ги суди народите, дава храна во изобилие.
32 Тој крие во дланките Свои молња и ѝ заповеда кого да удри.
33 Грмењето дава знак да се знае за неа; и добитокот чувствува што станува.“