1„Зошто не се сокриени од Седржителот времињата? И оние, кои Го знаат, не ги гледаат дните Негови?
2Безбожниците поместуваат меѓи, ограбуваат стада и си ги пасат,
3од сираците одземаат магаре, од вдовица вол — за залог;
4сиромаси истуркуваат од патот, сите понизени се принудени да се кријат од нив.
5Ете, како диви магариња во пустина, излегуваат тие по работата своја, стануваат рано за грабеж; пустината им дава леб за нив и за децата нивни;
6жнеат по туѓи ниви, и од лозјето на безбожникот крадат;
7голи ноќеваат без покривка, немаат облека за да се спасат од студ;
8наводенети од горски дождови и, немајќи прибежиште, се притискаат до карпа;
9раздвојуваат сираче од градите на мајката и земаат залог од сиромав;
10ги тераат да одат голи, без облека, и на празен стомак снопови да носат;
11маслиново масло на другите тие цедат, и во каци жедни грозје тие гмечат.
12Во градот луѓето офкаат и душата на убиените вика, а Бог тоа не го слуша.
13Тие ѝ се противат на светлината, не ги знаат патиштата нејзини и не одат по патеките нејзини.
14На разденување станува убиецот, убива сиромав и несреќен, а ноќе е крадец.
15И окото на прељубникот чека да се стемни, велејќи: ‚ничие око нема да види‘ и го покрива лицето свое.
16Во темнината се провираат под куќите, а дење се кријат затворени; не знаат тие за светлина.
17За нив најцрната ноќ е како јасно утро, толку се зближени тие со стравотиите на темнината.
18Лесен е таквиот на водната површина, проклет е делот негов на земјата, и не го гледа патот кон лозјата.
19Како што сушата и горештината ја голтаат снежната вода, така пеколот ги голта грешниците.
20Нека го заборави утробата мајчина; нека биде храна за црвите; нека не остане помен за него; како дрво ќе се скрши беззаконикот;
21оној кој угнетува бездетна, и на вдовица не ѝ прави добро.
22Но Бог сосила ги истерува насилниците; се појавува и тие немаат надеж за животот свој.
23Бог им дава во што да се надеваат, но Неговите очи ги гледаат нивните патишта.
24Се креваат високо, — и, ете, веќе ги нема; паѓаат и умираат, како и сите, и како врвовите на класовите се кршат.
25Ако тоа не е така, — кој ќе ме изобличи за лагата и кој ќе ги претвори во ништо зборовите мои?“