Job 23
1 Одговори Јов и рече:
2 „Дури и сега зборот мој е горчлив, страдањата мои се потешки од воздишките мои.
3 О, да знаев како да Го најдам, да можев да се приближам до престолот Негов!
4 Би го изложил пред Него моето дело и би ја наполнил устата своја со оправдание;
5 ќе ги дознаев зборовите, со кои ќе ми одговори, ќе разберев што ќе ми каже.
6 Му треба ли голем напор за да се спори со мене? О, не! Туку само малку внимание ми треба.
7 Тогаш праведникот би можел да се оправда пред Него, — и јас засекогаш би се ослободил од својот Судија.
8 Но, ете, јас одам напред — а Него Го нема, назад се враќам — и не Го наоѓам;
9 врши ли Тој нешто на левата страна, јас не Го гледам, се крие ли на десната — не Го забележувам.
10 Но, Тој го знае патот мој, нека ме испита, — ќе излезам како злато чист.
11 Ногата моја здраво се држи за патеките Негови; патиштата Негови ги пазев и не се отстранував.
12 Од заповедите на устата Негова не отстапував; зборовите на устата Негова ги пазев повеќе отколку моите правила.
13 Но Тој е силен; кој ќе Го отстрани? Тој го прави она што го сака душата Негова.
14 Тој ќе го направи она што го наумил за мене, слично на тоа во Него има многу.
15 Затоа јас треперам пред лицето Негово; кога мислам за тоа — се плашам од Него.
16 Бог ме обесхрабри, Седржителот ме уплаши.
17 Зошто не сум уништен пред оваа темнина? Зошто не го сокри мракот од лицето мое?“