Job 22
1 Проговори тогаш Елифаз од Теман и рече:
2 „Зар човек може да Му биде корисен на Бога? Мудриот сам за себеси е полезен.
3 Се радува ли Седржителот затоа што си праведен? И ќе има ли полза за Него, затоа што ги чуваш непорочни патиштата свои?
4 Зар Тој, плашејќи се од тебе, ќе влезе во борба со тебе, ќе појде ли да се суди со тебе?
5 Навистина, твојата злоба е голема, и беззаконијата твои крај немаат.
6 Навистина, ти земаше залог од браќата свои за ништо и на полуголи им ги соблекуваше алиштата нивни.
7 На измачен од жед не му даваше вода да се напие, а на гладен леб му откажуваше;
8 а на силен човек му даваше земја, и повидниот се населуваше на неа.
9 Вдовиците ги испраќаше без ништо, и сираците ги оставаше со празни раце.
10 Затоа околу тебе има стапици, и неочекуваниот ужас те збунува.
11 Темнина е околу тебе, во која ништо не гледаш и голема вода те покрива.
12 Нели Бог е повисоко од небесата? Погледај ги горе ѕвездите, колку се високо тие!
13 И ти велиш: ‚што знае Бог?‘ Може ли Тој да суди во мрак?
14 Облаците се Негова завеса, така што не гледа, туку само оди по небесниот круг.
15 Зар ти не одиш по патот на старите, по кој оделе беззакониците,
16 а кои предвреме беа истребени, кога водата се беше разлеала под основите нивни?
17 Тие му велеа на Бога: ‚отстрани се од нас! И што ќе им направи Седржителот?‘
18 Тој ги полнеше со богатство куќите нивни. — Но далеку да е од мене советот на безбожниците!
19 Ќе видат праведници и ќе се радуваат, а непорочните ќе им се потсмеваат:
20 ‚Непријателите наши пропаднаа, а имотот нивни оган го гори.‘
21 Зближи се со Него — и ќе бидеш спокоен; преку тоа ќе ти дојде доброто.
22 Прими го од устата Негова законот и стави ги зборовите Негови во срцето свое.
23 Ако се обрнеш кон Седржителот, одново ќе се средиш; ќе го отстраниш беззаконието од шаторот свој;
24 тогаш ќе го фрлиш драгоцениот метал во прав, и во поточните камења — офирското злато.
25 Седржителот ќе биде твоето злато, ќе биде за тебе како блескаво сребро.
26 И тогаш ќе се радуваш на Седржителот, ќе го кренеш лицето свое кон Бога.
27 Ќе Му се помолиш, и Тој ќе те чуе, и ти ќе ги исполниш заветите свои.
28 Ќе наумиш нешто, и тоа ќе се исполни, над твоите патишта ќе свети светлина.
29 Кога некој ќе биде понизен, ќе речеш: ‚угоре!‘ и Тој ќе го спаси оној со наведнатото лице;
30 ќе го спаси и виновниот; а ќе го спаси преку чистотата на твоите раце.“