1„Ете, сето тоа окото мое го виде, увото мое го чу и го разбра.
2Колку што знаете вие, знам и јас; не сум подолу од вас.
3Но јас кон Седржителот би сакал да говорам, би сакал со Бога да се соочам.
4Зашто вие сте ковачи на лаги; сите вие сте бесполезни лечители.
5Кога би знаеле да молчите, би било тоа ваша најголема мудрост.
6Ислушајте го мојот приговор и проникнете во жалбите на усните мои.
7Требаше ли да говорите заради Бога неправда и заради Него да говорите лага?
8Требаше ли да бидете пристрасни кон Него и за Бога така да се препирате?
9Добро ли ќе биде, Тој да ве испитува? Ќе Го измамите ли како што се измамува човек?
10Тој строго ќе ве казни, иако скришно лицемерите.
11Зар големината Негова не ве плаши, и страв од Него не ве обзема?
12Вашите забелешки прилегаат на пепел; вашата одбрана е глинена ограда.
13Молкнете пред мене, а јас ќе говорам што и да ме снајде.
14Зар јас самиот да си го раскинувам со забите телото свое? И душата своја да си ја ставам в рака?
15Тој нека ме убие, немам што повеќе да загубам; само сакам однесувањето мое пред лицето Негово да го оправдам.
16И тоа ми е веќе за спасение, бидејќи безбожник нема да се јави пред лицето Негово.
17Ислушајте ги внимателно зборовите мои и објасненијата мои со ушите ваши.
18Ете, започнав судска постапка; знам дека ќе бидам прав.
19Кој има сила да ме надвие? Потоа ќе молкнам и ќе го испуштам духот.
20Само две работи направи за мене, и тогаш јас нема да се кријам од Твоето лице;
21тргни ја од мене раката Своја, и Твојот ужас да не ме потресува.
22Тогаш прашувај ме, и јас ќе одговарам; или јас да прашувам, а Ти да одговараш.
23Колку се пороците и гревовите мои? Покажи ми го беззаконието мое и гревот мој.
24Зошто го криеш сега лицето Свое од мене и ме сметаш за Твој непријател?
25Зошто со страв го мачиш од ветрот скинатиот лист, зошто ја гониш сувата сламка?
26Зошто пишуваш против мене горчливи пресуди и ми ги сметаш гревовите на младоста моја,
27ги тураш во клада нозете мои и ги демнеш сите мои патишта, — ги испитуваш трагите на нозете мои?
28А животот мој како изгниено дрво се распаѓа, како облека од молци изедена.“