1Потоа проговори Софар од Ноема и рече:
2„Зар на многу зборови не може да се даде одговор, и зар многузборливиот човек е прав?
3Твоето празнословие ќе ги натера ли луѓето да молчат, за да се потсмевнуваш ти, та да нема кој да те засрами?
4Ти рече: расудувањето ми е правилно, и јас сум чист во Твоите очи.
5О, да проговореше Бог, да ја отвореше устата Своја кон тебе
6и да ти ги откриеше тајните на мудроста дека тебе ти се паѓа двојно повеќе да понесеш! И така, знај дека Бог за тебе предаде на заборав некои од твоите беззаконија.
7Можеш ли во длабочините Божји да проникнеш? Можеш ли да го достигнеш совршенството на Седржителот?
8Тој е повисок од небесата, — што можеш да направиш? Подлабок е од пеколот, — што можеш да дознаеш?
9Подолга од земјата е мерката Негова и поширока од морето.
10Ако се нафрли и затвори некого во окови и го изведе на суд, кој ќе Му забрани?
11Зашто Тој ги знае оние кои лажат и го гледа беззаконието; ќе го остави ли без да го разгледа?
12Но и суетниот човек се опаметува; дивото магаре на узда се покорува.
13Ако го насочиш срцето свое и ги подадеш рацете кон Него,
14ако порокот од раката своја го отфрлиш и не дозволиш беззаконие да престојува во твоите шатори,
15тогаш ќе го кренеш неизвалканото лице свое, ќе бидеш цврст и нема да се плашиш.
16Тогаш ќе ја заборавиш тагата: како за истечена вода ќе се сеќаваш на неа.
17Животот твој ќе стане како светол ден; како јасна зора темнината ќе светне.
18Во надежта своја ќе бидеш спокоен, ограден, ќе почиваш во мир.
19Ќе легнеш и не ќе има кој да те заплашува; мнозина ќе ти се умилкуваат.
20А очите на беззакониците ќе згаснат, прибежиштето нивно ќе пропадне, а надежта нивна ќе исчезне.“