Job 10
1 „Ѝ дотегна на душата моја животот мој; ќе се предадам на тагата своја; ќе говорам со горчината на душата своја.
2 Ќе му речам на Господ: ‚Не обвинувај ме; кажи ми зошто се бориш со мене?
3 Мило ли Ти е да ме измачуваш, да го презираш делото на рацете Свои, а намерите на нечесните да ги помагаш?
4 Зар имаш телесни очи? Гледаш ли како што гледа човек?
5 Зар Твоите дни се како дните на смртните, или Твоите години се како дните на човек?
6 Зошто ја испитуваш вината моја и гревовите мои сакаш да ги откриеш,
7 иако знаеш дека сум невин и дека нема кој да ме спаси од раката Твоја?
8 Твоите раце ме создале и ме оформиле, и Ти сега од сите страни ме уништуваш?
9 Сети се дека како глина си ме замешал, та пак ли во прав ќе ме претвориш?
10 Нели Ти ме излеа како млеко, и ме згусти како сирење?
11 Со кожа и плот ме облече, со коски и жили ме стегна,
12 живот и милост ми дарува, и Твојата грижа го чуваше духот мој?
13 Но и тоа во срцето Свое го криеше, знам дека тоа е во Тебе,
14 дека, ако згрешам, Ти ќе забележиш и нема да го оставиш гревот мој без казна.
15 Ако сум виновен, тешко мене! Ако сум прав, не ќе смеам да кренам глава. Презаситен сум од срам, удавен во маката моја.
16 Ако се исправам, како лав ме гониш, силата Своја на мене ја покажуваш.
17 Обвинувања нови подигаш против мене; го засилуваш гневот Свој против мене; со нови сили се креваш против мене.
18 И зошто ме изведе од утробата? Да бев умрел кога ничие око уште не ме беше видело;
19 о, да бев пренесен од утробата во гроб, како да ме немало!
20 Нели се малку деновите мои? Остави ме уште малку да се радувам,
21 пред да појдам на пат без враќање — во земјата на темнината и смртната сенка,
22 во земјата, каде што темнината царува над безредието, каде што зората е слична на најцрната ноќ.‘“