Jeremiah 50
1 Слово што Господ го кажа преку пророкот Еремија за Вавилон и за земјата халдејска:
2 „Соопштете и разгласете меѓу народите, подигнете знаме, објавете, не кријте, зборувајте: Вавилон падна, Вил е посрамен, Меродах е скршен, боговите негови се посрамени, идолите негови се скршени.
3 Зашто од север се подигна врз него народ, кој ќе ја направи земјата негова пустина и никој нема да живее таму, и човек, и добиток, сѐ ќе се крене и ќе се разотидат.
4 Во оние денови и во она време, вели Господ, ќе дојдат синовите Израелови, тие и синовите Јудини, заедно, ќе одат, ќе плачат и ќе Го побараат својот Господ Бог;
5 ќе прашаат за патот кон Сион и, свртени со лицето кон него, ќе велат: одете и присоединете се кон Господ со вечен завет, кој нема да се заборави.
6 Народот Мој беше како загубено стадо; пастирите негови го оттргнаа од патот, па скитаа по планините; од гора на рид и го заборавија леглото свое.
7 Сите, што ги наоѓаа, ги изедуваа, и непријателите им велеа: не сме виновни, зашто тие згрешиле пред Господ, пред живеалиштето на правдата, и пред Господ, надежта на татковците нивни.
8 Бегајте од Вавилон, заминете од земјата халдејска и бидете како кози пред стадо од овци.
9 Зашто, еве, Јас ќе подигнам и ќе доведам врз Вавилон големо мноштво од народи од северната земја, и ќе застанат против него, и тој ќе биде преземен: стрелите нивни, како на искусни јунаци, напразно нема да се враќаат.
10 И Халдеја ќе стане нивни плен; и оние, што ќе ја опустошат, ќе се наситат, вели Господ.
11 Зашто вие, грабачи на Моето наследство, се веселевте, прославувавте, потскокнувавте од радост, како јуници на трева, и 'ржевте како бојни коњи.
12 За голем срам ќе стане мајката ваша, ќе црвенее онаа што ве родила; ете, иднината на тие народи ќе биде пустина, земја сува и пустелија.
13 Од гневот Господов таа ќе стане ненаселена и целата ќе запусти; и секој, што ќе мине низ Вавилон, ќе се вчудовиди и ќе си потсвирне, гледајќи ги сите рани негови.
14 Наредете се во боен ред околу Вавилон, вие сите, кои затегнувате лак, стрелајте во него, не жалете ги стрелите, бидејќи тој згреши против Господ.
15 Нека одекнува восклик одсекаде: тој се предава! Паднаа тврдините негови, испопаѓаа ѕидовите негови, зашто тоа е Господовата отплата; одмаздувајте му се; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него.
16 Истребете во Вавилон и сеач, и жетвар; од страв пред опасниот меч секој нека се врати во својот народ и секој нека бега во земјата своја.
17 Израел е распрснато стадо; го гонеа лавови; најнапред го гризеше асирскиот цар, а потоа Навуходоносор, царот вавилонски, и коските му ги здроби.
18 Затоа, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: еве, Јас ќе го казнам вавилонскиот цар и земјата негова, како што го казнив асирскиот цар;
19 и ќе го вратам Израел на неговото пасиште, и ќе си пасе по Кармил и по Башан, и душата негова ќе се наситува на Гората Ефремова и во Галаад.
20 Во оние дни и во она време, вели Господ, Јас ќе побарам грев во Израел и нема да го има, и гревовите на Јуда и нема да се најдат; бидејќи ќе им простам на оние, што ќе останат живи.
21 Појди против неа, против бунтовната земја и казни ги нејзините жители: пустоши и истребувај сѐ по нив, вели Господ, и направи сѐ што ти заповедав.
22 Шум голем од борба ќе се крене по земјата и големо разурнување.
23 Како се скрши и како се разби чеканот по целата земја, како ли Вавилон стана ужас меѓу народите!
24 Јас поставив стапици за тебе, и те фатив, Вавилоне, иако ти не го предвиде тоа; се најде и беше фатен, зашто стана против Господ.
25 Господ ја отвори ризницата Своја и оттаму го зеде оружјето на гневот Свој, зашто тоа е дело на Господ Седржителот во земјата халдејска.
26 Појдете против неа од сите краишта, отворајте ги житниците нејзини, газете ја како снопје, наполно истребете ја, та ништо да не остане од неа;
27 убивајте ги сите волови нејзини, нека одат на клање; тешко ним, бидејќи дојде денот нивни, времето на нивната казна.
28 Се слуша глас од оние што бегаат и од оние што се спасуваат од вавилонската земја, за да му го соопштат на Сион одмаздувањето Господово, на нашиот Бог, одмаздувањето за Неговото живеалиште.
29 Повикајте ги против Вавилон сите стрелци, кои запнуваат лак, сместете се околу него, за да не се избави никој од него, платете му според делата негови; како што постапуваше тој, така постапувајте и вие со него, бидејќи тој се крена против Господ, против Светецот Израелов.
30 Затоа младите негови ќе паднат по улиците негови, и сите војници негови ќе бидат истребени во оној ден, вели Господ.
31 Еве, Јас сум против тебе, ти што си се возгордеал, вели Господ, Бог Саваот; зашто дојде денот твој, времето на твојата казна.
32 И ќе се сопне таа гордост и ќе падне, и никој нема да ја крене; па ќе запалам оган во градовите нејзини, и тој ќе уништи сѐ околу неа.
33 Така вели Господ Саваот: угнетени се синовите Израелови, како и синовите Јудини, и сите што ги заробија, ги држат цврсто и не сакаат да ги пуштат.
34 Но Искупителот нивни е силен, Господ Саваот е името Негово; Тој ќе го разгледа делото нивно, за да ја смири земјата и да ги дотера во страв вавилонските жители.
35 Меч против Халдејците, вели Господ, против жителите на Вавилон, и против кнезовите, негови, и против мудреците негови;
36 меч против маѓесниците негови, и тие ќе избезумат; меч против војниците негови, и тие ќе се уплашат;
37 меч против коњите негови, против колите негови и против сите разни племенски народи меѓу него, и тие ќе бидат како жени; меч против ризниците негови, и нив ќе ги разграбаат;
38 суша за водите негови, и тие ќе секнат; бидејќи тоа е земја на идоли и тие се залудени по своите идолски страшилишта.
39 И таму ќе се населат пустински ѕверови со чакали, и ќе живеат на неа ноеви, а таа нема да биде населена довека и населувана од род во род.
40 Како што ги сосипа Бог Содом и Гомора, и нивните соседни градови, вели Господ, така и тука нема да живее ниту еден човек, и човечки син нема да се запира таму.
41 Ете, од север иде народ, народ голем и многу цареви се креваат од краиштата земни;
42 во рацете свои држат лак и копје; тие се жестоки и немилосрдни; шумот нивни бучи како море; јаваат на коњи, наредени се како еден човек, за да се удрат со тебе, ќерко вавилонска!
43 Чу за нив вест царот вавилонски, и рацете му малаксаа; страв го обзеде, мака — како на жена, кога се породува.
44 Ете, излегува тој, како лав од шумите јордански кон вечно зелените пасишта; но Јас ќе го принудам да излезе бргу од него; и на Својот избраник ќе му го доверам, зашто кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговорност од Мене, и кој пастир ќе устои против Мене?
45 Па така, чујте го решението на Господ, што го определи Тој против Вавилон, и Неговата замисла, што ја има за халдејската земја; Тој ќе ги одведе и најмалите јагниња, ќе го опустоши нивното стадо.
46 На веста за падот на Вавилон ќе се затресе земјата, и пискот ќе се чуе меѓу народите.“