Jeremiah 49
1 За синовите Амонови вака вели Господ — зар Израел нема синови, зар нема наследник? Зошто Милком ја наследи земјата на Гад и зошто народот негов се насели во неговите градови?
2 Затоа, еве идат дни, вели Господ, кога ќе се чуе боен повик во Рава од синовите Амонови, и таа ќе стане куп урнатини, и градовите нејзини изгорени и Израел ќе ги победи оние, кои го победија него, вели Господ.
3 Плачи, Есевоне, зашто е опустошен Гај; викајте, ќерки на Рава; опашете околу себе вреќиште, плачете и трчајте околу плотовите; бидејќи Милком ќе отиде во ропство, заедно со свештениците и кнезовите негови.
4 Зошто се фалиш со долините? Твојата долина пропадна, ќерко одметничке, која се надеваш на богатството свое, велејќи: кој ќе излезе против мене?
5 Еве, Јас ќе испратам врз тебе ужас од сите страни твои наоколу, вели Господ, Бог Саваот; разбегајте се кој каде може и никој нема да ги собере разбеганите.
6 Но потоа Јас ќе ги повратам заробените — синовите Амонови, вели Господ.
7 За Едом, вака вели Господ Саваот: зар нема веќе мудрост во Теман, зар исчезна благоразумието кај разумните, зар ја снема нивната мудрост?
8 Бегајте, губете се, кријте се по пештерите, жители дедански, зашто Јас ќе ја испратам врз него погибелта Исавова, кога ќе го казнам.
9 Ако би ти дошле берачите на лозјата кај тебе, сигурно би оставиле пабирки. И крадци да дојдат во текот на ноќта, би украле онолку колку што им е потребно.
10 Јас, пак, Исав ќе го оголам, ќе ги откријам неговите скришни места и не ќе може да се сокрие. Ќе биде истребено племето негово, и браќата негови, и соседите негови; и ќе го снема.
11 Остави ги сираците свои, Јас ќе го запазам животот нивни, и вдовиците твои нека се надеваат на Мене.
12 Зашто, така вели Господ: ете, и оние, на кои не им беше судено да ја пијат чашата, ќе ја пијат, па ти ли ќе останеш неказнет? Не, нема да останеш неказнет, туку ќе ја пиеш чашата.
13 Зашто се колнам во името Свое, вели Господ, дека Восор ќе стане ужас, за потсмев, пустина и проклетство, и сите негови градови ќе се претворат во вечна пустина.
14 Чув глас од Господ, и пратеник е испратен кај народите да им каже: соберете се и појдете против него, дигнете се на војна.
15 Бидејќи, еве, ќе те направам мал меѓу народите, презрен меѓу луѓето.
16 Стравот што го сееше и гордоста на твоето срце те измамија, тебе, кој живееш во камени пештери и ги држиш врвовите на планините. Но, макар и како орел да направиш гнездо високо, и оттаму ќе те симнам, вели Господ.
17 И ќе стане Едом пустош; секој, што ќе помине покрај него, ќе се зачуди и ќе потсвирне, гледајќи ги раните негови.
18 Како што беа разорени Содом и Гомора и нивните соседни градови, вели Господ, така и таму нема да живее ниту еден човек, и син човечки нема да престојува во него.
19 И, ете, како лав ќе излезе од висините јордански кон утврдените живеалишта; но Јас ќе го принудам брзо да отстапи, а ќе поставам таму Свој избраник. Зашто, кој е подобен на Мене и кој ќе побара одговорност од Мене и кој пастир ќе Ми се спротивстави?
20 Па така, чујте го решението на Господ, што го постави Тој за Едом, и замислите Негови, што ги има за жителите темански: навистина, и најмалите од стадото, ќе ги развлечат и ќе ги опустошат живеалиштата нивни.
21 Од шумот на нивниот пад ќе се затресе земјата, и екот на нивното викање ќе се чуе дури до Црвеното Море.
22 Ете, како орел ќе се крене тој, ќе слета и ќе ги рашири крилјата над Восор; и срцето на храбрите Едомци во оној ден ќе биде како срце на жена, кога се породува.
23 Што се однесува, пак, до Дамаск: Хамат и Арпад се осрамотија, зашто, штом ја чуја жалната вест, опаднаа со духот; и како разбрането море, тие не можат да се успокојат.
24 Се уплаши Дамаск и се сврте да бега; страв го обзеде; болки и маки го опфатија како жена, која се породува.
25 Како не се зачува градот на славата, градот на Мојата радост?
26 И така, ќе паѓаат младите негови по улиците и сите војници ќе загинат во оној ден, вели Господ Саваот.
27 Па ќе запалам оган по ѕидовите на Дамаск, и ќе ги уништам дворците на Бен-Адад.
28 За Кедар и за царствата хацорски, што ги победи Навуходоносор, царот вавилонски, вака вели Господ: станувајте, тргнете против Кедар и сосипете ги синовите на Исток!
29 Шаторите нивни и овците нивни ќе ги земат за себеси, и покривките нивни и сета нивна покуќнина, и камилите нивни ќе ги земат и ќе им викаат страшно од сите страни.
30 Бегајте, мавнете се што поскоро, сокријте се длабоко, жители на Асор, вели Господ, зашто Навуходоносор, царот вавилонски се готви против вас и смисли заговор против вас.
31 Станувајте, тргнете против мирниот народ, кој безгрижно живее, вели Господ; кај него нема ни врати, ни резиња, живеат сами.
32 Камилите нивни ќе станат плен и многуте стада нивни ќе бидат разграбени; и ќе ги растурам по сите ветрови, нив, кои си ги бричат главите, и од сите страни ќе испратам врз нив погибел, вели Господ.
33 И ќе стане Асор живеалиште на чакали, пустина вечна; човек нема да живее таму и син човечки нема да се задржува во него.
34 Слово Господово, што беше кажано од пророкот Еремија против Елам на почетокот од царувањето на Седекија, царот јудејски.
35 Вака вели Господ Саваот: еве, ќе го скршам лакот на Елам, неговата главна сила;
36 и ќе испратам против Елам четири ветра од четирите краишта на небото, и ќе ги растурам Еламците по сите тие ветрови, и не ќе има народ, кај кого нема да појдат прогонетите Еламци;
37 и ќе ги поразам Еламците со страв пред нивните непријатели и пред оние, што ја бараат душата нивна; и ќе испратам врз нив несреќа, гневот Мој, вели Господ, и по нив ќе испратам меч, додека не ги истребам;
38 и ќе го поставам престолот Свој во Елам, и ќе го истребам таму царот и кнезовите, вели Господ.
39 Но во последните денови заробените Еламци ќе ги вратам, вели Господ.