Jeremiah 46
1 Слово Господово, упатено до пророкот Еремија за незнабожечките народи:
2 за Египет, за војската на фараонот Нехо, цар египетски, што беше при реката Еуфрат во Каркемиш и што ја победи Навуходоносор, царот вавилонски во четвртата година на Јоаким, синот Јошиев, цар јудејски:
3 „Пригответе ги штитовите и копјата и стапете во бој;
4 оседлајте ги коњите и качете се на нив, коњаници, и поставете ги шлемовите; наострете ги копјата, облечете се во оклопи.
5 А зошто, гледам, тие се уплашија и отстапуваат? Јунаците нивни се разбиени и бегаат, не обѕрнувајќи се назад, страв од секаде, вели Господ.
6 Нема да побегне брзоногиот и нема да се избави силниот; на север, покрај реката Еуфрат, ќе се сопнат и ќе паднат.
7 Кој е тој што се подига како Нил, чии води се брануваат како брзица?
8 Египет се подига како река и водите му се разбрануваат како брзаци, па вели: ќе се кренам и ќе ја покријам земјата, ќе го уништам градот и жителите негови.
9 Седнувајќи на коњите и впрегнувајќи ги колите, излегувајте, и гинете, јунаци, Етиопјани и Либијци, вооружени со штитови, и Лудимци, што ги држите и затегнувате лаковите;
10 зашто овој ден е за Господ, Бог Саваот, ден за одмазда, за да им се одмазди на непријателите Свои; и меч ќе изедува, ќе се насити и ќе се опие од крвта нивна; бидејќи тоа ќе се изврши за Господ Бог Саваот, како жртвен принос во северната земја, кај реката Еуфрат.
11 Оди во Галаад и земи балсам, девојко, ќерко египетска; залудо ќе трупаш лекови — лек за тебе нема!
12 Чуја народите за твојот срам, и пискотот твој ја исполни земјата; бидејќи јунак со јунак се судрува, па обајцата паѓаат.“
13 Слово, кое Господ му го кажа на пророкот Еремија за доаѓањето на Навуходоносор, царот вавилонски, за да ја порази земјата египетска:
14 „Соопштете во Египет, и кажете во Мигдол, јавете во Мемфис и во Тафнис, кажете: ‚кажи ѝ да се приготви зашто мечот ќе ги изеде околните населби.‘
15 Зошто е јунакот твој соборен? Не се одржа, зашто Господ го собори;
16 Тој направи така, што многумина се судруваа и паѓаа дури еден врз друг, велејќи: ‚станувај да си појдеме кај нашиот народ во својата родна земја, далеку од насилничкиот меч.‘
17 А фараонот — египетскиот цар, наречете го фалбаџија, кој својата прилика ја пропушти.
18 Се колнам во Својот живот, вели Царот, чие име е Господ Саваот: ќе дојде тоа како Тавор меѓу горите и како Кармил покрај Морето.
19 Подготви се за преселување, ќерко, жителко египетска, зашто Мемфис ќе биде опустошен, разорен, па не ќе остане ниту еден жител.
20 Египет е убава јуница: но погибелта иде, доаѓа од север.
21 И наемниците негови кај него не изгледаат како згоени телци, па и самите тргнаа да бегаат, побегнаа сите, не можеа да издржат, бидејќи врз нив дојде нивниот погибелен ден, време за да ги казнам.
22 Гласот нивни писка како глас на змија, тие доаѓаат со војска, ќе дојдат врз него со секири како дрвари,
23 ќе ја исечат шумата негова, вели Господ, бидејќи се безбројни; повеќе се отколку скакулците, па број немаат.
24 Засрами се, ќерко египетска, ти, која си предадена во рацете на северниот народ.
25 Господ Саваот, Бог Израелов, вели: еве, Јас ќе го казнам Амон од Мемфис, фараонот и Египет, боговите негови и царевите негови, фараонот и оние што се надеваат во него.
26 И ќе ги предадам во рацете на оние што ја бараат душата нивна и во рацете на Навуходоносор, царот вавилонски, и во рацете на слугите негови, но потоа Египет ќе биде населен, како и во поранешните дни, вели Господ.
27 А ти, Јакове, слуго Мој, не бој се и не плаши се, Израеле: зашто еве, Јас ќе те избавам од далечната земја и семето твое — од земјата на ропството негово; и ќе се врати Јаков и ќе живее спокојно и мирно, и никој нема да го заплашува.
28 Не бој се, Јакове, слуго Мој, вели Господ, зашто Јас сум со тебе. Јас ќе ги истребам сите народи, меѓу кои те изгонив, но тебе нема да те истребам; само ќе те казнам по мерка; неказнет нема да те оставам.“