Jeremiah 43
1 Кога Еремија му ги изговори на сиот народ овие зборови на нивниот Господ Бог, сите тие зборови со кои нивниот Господ го прати до нив,
2 тогаш Азарија, синот на Хошаја, и Јоханан, синот на Кареах, и сите дрски луѓе му рекоа на Еремија: „Тоа, што го зборуваш не е вистина; Господ, нашиот Бог, не те прати да кажеш: ‚не одете во Египет, за да живеете таму‘
3 туку Варух, синот Нириев, те наговори против нас, за да нѐ предадеш во рацете на Халдејците, па да нѐ убијат, или да нѐ одведат како робови во Вавилон.“
4 И Јоханан, синот на Кареах, сите војводи и сиот народ не го послушаа гласот на Господ, за да останат во земјата јудејска.
5 Тогаш Јоханан, синот на Кареах, и сите војводи го поведоа сиот остаток од Јудејците, кои се беа вратиле откај сите народи, каде што беа прогонети, за да живеат во земјата јудејска;
6 мажи, жени, деца, царевите ќерки и сите оние, кои Навузардан, началник на телохранителите, ги остави со Годолија, синот на Ахикам, син Сафанов, и пророкот Еремија, и Варух, синот Нириев;
7 па отидоа во земјата египетска, бидејќи не го послушаа гласот на Господ, и стигнаа до Тафнис.
8 И дојде слово Господово до Еремија во Тафнис:
9 земи во рацете големи камења и сокриј ги во измесена глина пред влезот на фараоновиот дом во Тафнис, пред очите на Јудејците,
10 и кажи им — вака вели Господ Саваот, Бог Израелов: еве, ќе пратам и ќе го доведам Навуходоносор, царот вавилонски, слугата Свој, и ќе го поставам престолот негов врз овие камења што ги сокрив, и тој ќе го распне над нив својот великолепен шатор
11 и ќе дојде, па ќе ја порази египетската земја: и кој е за смрт, ќе биде предаден на смрт; и кој е за ропство, ќе отиде во ропство, а кој е за под меч — под меч.
12 Па ќе запалам оган во светилиштата на боговите египетски; и тој ќе ги изгори, а нив ќе ги зароби, и ќе се нагрне со египетската земја, како пастир што се наметнува со облеката своја, па ќе си отиде оттаму со мир.
13 И ќе ги собори статуите на Ветсамис, што се наоѓаат во египетската земја, и светилиштата на египетските богови ќе ги изгори со оган.