Jeremiah 42
1 Потоа дојдоа сите војводи и Јоханан, синот на Кареах, и Азарија, синот на Хошаја, и сиот народ, од мало до големо.
2 И му рекоа на пророкот Еремија: „Еве ја молбата наша пред тебе, помоли Му се на твојот Господ Бог за сиот овој остаток, зашто од многумина останавме малку, како што нѐ гледаат твоите очи,
3 па твојот Господ Бог да ни го покаже патот, по кој треба да врвиме, и што треба да правиме.“
4 И им рече пророкот Еремија: „Ве чув, ќе Му се помолам на вашиот Господ Бог, по молбата ваша, и сѐ, што ќе ви одговори Господ, ќе ви го кажам, ни збор нема да сокријам од вас.“
5 Тие му рекоа на Еремија: „Господ нека ни биде вистински и верен сведок за тоа дека ние ќе направиме сѐ што твојот Господ ќе заповеда за нас;
6 добро ли, лошо ли ќе биде тоа, ќе го послушаме гласот на нашиот Господ Бог, кај Кого те праќаме, за да ни биде добро, ако бидеме послушни на гласот од Господ, нашиот Бог.“
7 По десет дни дојде слово Господово до Еремија.
8 Тој го повика кај себе Јоханан, синот на Кареах, сите со него војводи и сиот народ — од мало до големо,
9 па им рече: вака вели Господ, Бог Израелов, до Кого ме испративте да Му ја пренесам вашата молба:
10 „Ако останете во оваа земја, Јас ќе ве зацврстам и нема да ве разорам, ќе ве посадам и нема да ве искоренам, зашто жалам за несреќата, што ви ја направив.
11 Не плашете се од вавилонскиот цар, од кого се плашите, не бојте се од него, вели Господ, бидејќи и Јас сум со вас, за да ве спасувам и да ве избавувам од неговата рака.
12 И ќе покажам милост кон вас, и тој ќе се смили над вас и ќе ве врати во вашата земја.
13 Ако, пак, речете: ‚не сакаме да живееме во оваа земја‘ и не го послушате гласот на Господ, вашиот Бог, велејќи:
14 ‚не, туку ќе отидеме во земјата египетска, каде што нема да видиме војна и нема да чуеме трубен глас, и нема да гладуваме, таму ќе живееме‘,
15 тогаш чујте го сега словото Господово, вие, остатокот од Јуда: вака вели Господ Саваот, Бог Израелов: ако го свртите лицето свое, за да отидете во Египет, и отидете таму, за да се населите,
16 тогаш мечот, од кој се плашевте, ќе ве стигне таму, во земјата египетска, и гладот, од кој се боевте, секогаш ќе ве следи во Египет, и таму ќе умрете.
17 И сите, што ќе го свртат лицето свое да отидат во Египет и таму да живеат, ќе умрат од меч, од глад и од помор, и ниеден од нив нема да остане и нема да побегне од несреќата што ќе ја пратам врз нив.
18 Зашто, така вели Господ Саваот, Бог Израелов: како што се излеа гневот Мој и јароста Моја врз жителите ерусалимски, така ќе се излее јароста Моја врз вас, кога ќе влезете во Египет, и ќе станете за проклетство и за ужас, за поруга и за укор, и нема повеќе да го видите ова место.
19 Господ ви зборува вам, остатоци Јудини: не одете во Египет; знајте дека ви сведочам јас.
20 Зашто вие згрешивте против самите себеси — вие ме пративте пред Господ, нашиот Бог, и ми рековте: Помоли се за нас на Господ, нашиот Бог, а сѐ што ќе каже Господ, нашиот Бог, кажи ни, и ние ќе извршиме.
21 И еве, кога ви го кажав денес тоа, вие не го послушавте гласот на Господ, нашиот Бог, и сето она, со кое ме прати Тој до вас.
22 Па така, знајте дека ќе умрете од меч, од глад и од помор во она место каде што сакате да појдете за да живеете таму.“