Jeremiah 41
1 Во седмиот месец, Исмаил, синот на Нетанија, син Елишамаев, од царски род и великодостојник при царот, и десет души со него дојдоа во Мицпа кај Годолија, синот Ахикамов, и таму, во Мицпа, јадеа заедно леб.
2 И стана Исмаил, синот Нетаниев и десетте души со него, па го убија со меч Годолија, синот на Ахикам, син Сафанов, и го убија оној, кого вавилонскиот цар го беше поставил за управник на земјата.
3 Исмаил ги уби и сите Јудејци, кои беа со Годолија во Мицпа, и Халдејците и војниците што се наоѓаа таму.
4 На вториот ден, по убивањето на Годолија, додека уште никој не знаеше за тоа,
5 дојдоа од Сихем, Силом и Самарија, осумдесет души со избричени бради и раскинати облеки и со посекотини по телото, со дарови и темјан во рацете, за да ги принесат во домот Господов.
6 Исмаил, синот Нетаниев, излезе од Мицпа да ги пресретне, одејќи и плачејќи, и кога ги сретна, им рече: „Одете кај Годолија, синот Ахикамов.“
7 И кога влегоа во градот, Исмаил, синот Нетаниев, заедно со оние што беа со него, ги уби и нив и ги фрли во јама.
8 Но се најдоа меѓу нив десет души, кои му рекоа на Исмаил: „Не убивај нѐ, бидејќи во полето имаме сокриени клетови со пченица и јачмен, масло и мед.“ И тој се воздржа, па не ги уби со нивните други браќа.
9 А ровот, каде што ги фрли Исмаил труповите на луѓето, што ги уби поради Годолија, беше истиот, што го беше направил царот Аса, од страв пред Баша, царот израелски; него го наполни Нетаниевиот син Исмаил со убиените.
10 Тогаш го зароби Исмаил сиот народ во Мицпа, царските ќерки и сиот друг народ што беше останал во Мицпа, кого Навузардан, началникот на телохранителите, беше го доверил на Годолија, синот Ахикамов, па во зората тргна Исмаил, Нетаниевиот син кон земјата на синовите Амонови.
11 Но, Јоханан, синот на Кареах, и сите воени началници со него, чуја за сите злодела што ги беше извршил Исмаил, синот Нетаниев,
12 па ги поведоа сите луѓе и отидоа да се бијат со Исмаил, синот Нетаниев, и го стигнаа кај големите води, во Гаваон.
13 И кога сиот народ, што беше со Исмаил, го виде Јоханан, синот на Кареах, и сите воени началници со него, тој се зарадува.
14 Тогаш сиот народ, што беше го заробил Исмаил од Мицпа, се откажа и се приклучи, па отиде при Јоханан, синот на Кареах.
15 А Исмаил, синот Нетаниев, побегна од Јоханан со осум души и отиде при синовите Амонови.
16 Тогаш Јоханан, синот на Кареах, и сите воени началници со него, го поведоа од Мицпа сиот народ, што го ослободи тој од Исмаил, синот Нетаниев, откако го беше убил Годолија, синот Ахикамов, луѓе, војници, жени, деца и дворјани, што беше ги извел од Гаваон:
17 отидоа, па се задржаа во населбата Кимхам, близу до Витлеем, за да избегаат во Египет,
18 бидејќи се плашеа од Халдејците, зашто Исмаил, синот Нетаниев го уби синот Ахикамов, Годолија, кого вавилонскиот цар беше го поставил за управник на земјата.