Jeremiah 28
1 Во истата година, во почетокот на царувањето на јудејскиот цар Седекија, во четвртата година, во петтиот месец, Ананија, синот Азуров, пророк од Гаваон, зборуваше во домот Господов пред свештениците и сиот народ, велејќи:
2 — вака вели Господ Саваот, Бог Израелов: ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар;
3 по две години ќе ги вратам во ова место сите садови од домот Господов, кои вавилонскиот цар Навуходоносор ги зеде одовде и ги однесе во Вавилон;
4 и јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, и сите заробени Јудејци, што отидоа во Вавилон, ќе ги вратам на ова место, вели Господ; бидејќи ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар.
5 И му рече пророкот Еремија на пророкот Ананија пред сите свештеници и пред сиот народ, кој стоеше во домот Господов,
6 па кажа пророкот Еремија: нека биде така, нека го изврши тоа Господ, нека ги исполни Господ зборовите твои што ги изрече за враќањето од Вавилон на садовите од домот Господов на ова место и за сите заробени!
7 Само, чуј го зборот што ќе ти го кажам, чуј го ти, а нека го чуе и сиот народ;
8 пророците, што беа пред мене и пред тебе, им претскажуваа на многу земји и на големи царства — војна, беда и помор.
9 Ако некој пророк претскажал мир, само тогаш бил признаван за пророк навистина испратен од Господ, кога ќе се исполнел зборот на тој пророк.
10 Тогаш пророкот Ананија го зеде јаремот од вратот на пророкот Еремија и го скрши.
11 И рече Ананија пред сиот народ: „Вака вели Господ — ете, така ќе го строшам јаремот на вавилонскиот цар Навуходоносор по две години, откако ќе го извадам од вратот на сите народи. Тогаш си отиде Еремија по својот пат.
12 И беше упатено слово Господово до Еремија, откако пророкот Ананија го скрши јаремот од вратот на пророкот Еремија:
13 оди и кажи му на Ананија — вака вели Господ: ти го скрши дрвениот јарем, но место него направи железен.
14 Зашто така вели Господ Саваот, Бог Израелов: железен јарем ќе им ставам на вратот на сите овие народи за да му работат на вавилонскиот цар Навуходоносор, и тие ќе му служат; дури и ѕверовите полски нему му ги предадов.“
15 Па му рече пророкот Еремија на пророкот Ананија: слушај, Ананија, Господ не те пратил, а ти лажна надеж му даваш на овој народ.
16 Затоа, вака вели Господ: еве, Јас ќе те исфрлам од лицето на земјата; уште во текот на оваа година ќе умреш, бидејќи зборуваш против Господ.
17 И умре пророкот Ананија во таа година во седмиот месец.