Bible

Connect

With Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Jeremiah 27

:
Macedonian - 2006
1 Во почетокот од царувањето на јудејскиот цар Јоаким, син Јошиев, дојде слово Господово до Еремија.
2 Вака ми рече Господ: направи си јажиња и јарем, па стави ги околу вратот.
3 И прати исто такви до царот на Едом, до моавскиот цар, до царот на синовите Амонови, до тирскиот цар и до царот на Сидон, по пратеници, што дошле во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија,
4 и порачај им да им кажат на господарите свои вака вели Господ Саваот, Бог Израилев кажете им го ова на вашите господари:
5 ја создадов земјата, човекот и животните, што се по земјината топка, со големата Своја сила и со Својата крената рака, па му ја давам на оној, кому сакам.
6 А, еве, сега, сите тие земји ги предавам во раката на вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, дури и ѕверовите полски му ги предавам, за да му служат.
7 И сите народи ќе му служат нему и на синот негов, и на внукот негов, сѐ додека дојде времето на земјата негова и неговото време, и ќе му служат многу народи и големи цареви.
8 А, ако некој народ и некое царство не ќе сака да му служи на вавилонскиот цар Навуходоносор и нема да го свитка вратот под јаремот на вавилонскиот цар, тој народ Јас ќе го казнам со меч, со глад и со помор, вели Господ, додека не го истребам преку раката негова.
9 А вие не слушајте ги вашите пророци и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници и вашите вражачи, кои ви велат: „Нема да му робувате на вавилонскиот цар.“
10 Затоа што тие ви пророкуваат лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете.
11 А оној народ, што ќе го наведне вратот свој под јаремот на вавилонскиот цар и ќе му служи, ќе го оставам во неговата земја, вели Господ, и тој ќе си ја обработува и ќе живее во неа.
12 И на јудејскиот цар Седекија Јас му ги кажав истите зборови, велејќи: наведнете го вратот под јаремот на вавилонскиот цар и служете му нему и на народот негов, па ќе бидете живи.
13 Зошто да умреш ти и народот твој од меч, од глад и од помор, како што вели Господ за овој народ, што не сака да му служи на вавилонскиот цар?
14 И немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви велат: „Нема да му робувате на вавилонскиот цар“, зашто тие ви пророкуваат лага.
15 Јас не сум ги пратил, вели Господ; и тие лажно пророкуваат во Мое име, за да ве изгонам и да загинете, вие и пророците ваши, кои ви пророкуваат.
16 Им зборував и на свештениците и на сиот овој народ вака вели Господ: не слушајте ги зборовите на вашите пророци кои ви пророкуваат и велат: „Еве, наскоро ќе бидат вратени од Вавилон садовите на домот Господов“, бидејќи тие ви пророкуваат лага.
17 Не слушајте ги, туку служете му на вавилонскиот цар и живејте; зошто да го доведете овој град до запустување?
18 Ако се, пак, тие пророци, и ако во нив има слово Господово, нека се молат пред Господ Саваот, па садовите што останале во домот Господов, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим, да не се однесат во Вавилон.
19 Зашто вака вели Господ Саваот: за столбовите и за морето, и за подножјата како и за другите работи, што останаа во овој град,
20 а кои вавилонскиот цар Навуходоносор не ги зеде, кога го одведе во ропство јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, царот јудејски од Ерусалим и сите старешини во Вавилон,
21 зашто вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, за садовите што останаа во домот Господов, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим:
22 тие ќе бидат однесени во Вавилон и таму ќе останат, сѐ додека ве посетам, вели Господ, и ве изведам и ве вратам во ова место.