Jeremiah 2
1 И пак беше упатено словото Господово до мене:
2 „Оди и извикај во ушите на Ерусалим — вака вели Господ: ‚се сеќавам на посветеноста во младоста твоја, на твојата љубов, кога како невеста тргна по Мене во пустината, во незасеана земја.‘
3 Израел му беше светиња на Господ, првина од плодовите Негови: сите, што јадеа од нив, биваа осудувани, ги стигнуваше зло,“ вели Господ.
4 Чујте го словото Господово, доме Јаковов и сите родови на домот Израелов!
5 Вака вели Господ: „Каква неправда најдоа во Мене татковците ваши, та се оддалечија од Мене, ја прифатија суетата и станаа суетни?
6 И не рекоа: ‚каде е Господ, Кој нѐ изведе од египетската земја, нѐ водеше по пустината, по земја пуста и ненаселена, по земја сува, по земја на смртна сенка, по која никој не одел и во која никој не живеел?‘
7 А кога ве воведов во земја плодородна, за да се храните од плодовите нејзини и од добрата нејзини, вие влеговте и ја осквернивте земјата Моја, и сопственоста Моја ја направивте гадотија.
8 Свештениците не рекоа: ‚каде е Господ?‘ И учителите на законот не Ме познаа, и пастирите се одметнаа од Мене, и пророците пророкуваа во името на Ваал и одеа по оние, кои не помагаат.
9 Затоа Јас уште ќе се судам со вас, вели Господ, и со синовите на вашите синови ќе се судам.
10 Затоа отидете на бреговите на Китим и разгледајте, и испратете во Кедар и испитајте сесрдно и видете: станувало ли таму нешто слично на тоа?
11 Ги променил ли некој народ боговите свои, иако тие не се богови? А Мојот народ ја менуваше Славата своја за она што не помага.
12 Чудете се на тоа, небеса, стресете се и грозете се, вели Господ.
13 Зашто две зла изврши Мојот народ: Мене, изворот на жива вода, Ме оставија и си ископаа извори издупчени, кои не можат да држат вода.
14 Зар Израел е слуга? Или е слуга домородец? Зошто така стана плен?
15 Зарикаа против него млади лавови, нададоа рик и ја направија земјата негова пустелија; градовите негови му се изгорени, никој не живее во нив.
16 И синовите на Мемфис и Тафнис те познаа и ти го избричија темето.
17 Не си го направи ли тоа сам, оставајќи Го твојот Господ Бог во она време, кога Тој те водеше по патот?
18 И сега, што бараш во Египет да пиеш вода од Нил? И зошто да одиш во Асирија за да пиеш вода од реките нејзини?
19 Ќе те казни отстапувањето твое, и злобата твоја ќе те обвини: и така познај и размисли, колку е лошо и горчливо што Ме остави, вели твојот Господ Бог, што кај тебе нема страхопочит, вели Господ, Бог Саваот.
20 Зашто одамна го скрши јаремот свој, ги раскина твоите вериги, па велеше: — Нема Тебе да Ти служам; но ќе појдам на секој висок рид и под секое лиснато дрво ќе им служам на идоли.
21 Јас те посадив како благородна лоза — најчисто семе; а како Ми се претвори во див ластар од туѓа лоза?
22 Затоа, макар и да се измиеш со сапун и да употребуваш многу пепелница, — твоите беззаконија ќе се покажат пред Мене, вели Господ Бог.
23 Како можеш да кажеш: ‚Јас не се осквернив, и не одев по Ваал?‘ Загледај се во патиштата твои во долината, и увиди што правеше ти, бујна камило, која трча наваму натаму?
24 Кој може да скроти дива магарица навикната на пустина, која со страст во душата дише забрзано? Сите, што ја бараат, нема да се уморат: во месецот нејзин ќе ја најдат.
25 Не дозволувај им на нозете свои да се боси, и на грлото твое — да се мачи од жед. Но ти рече: ‚Ништо од тоа, зашто ги сакам туѓинците и по нив ќе одам.‘
26 Како што крадец, кога ќе го фатат, се посрамува, — така ќе се посрами Израеловиот дом: царевите нивни, кнезовите нивни, свештениците нивни и пророците нивни, —
27 кои на дрвото му велат: ‚ти си мој татко‘, и на каменот: ‚ти ме роди‘; зашто тие Ми свртеа грб, а не лице; а во време на неволји велат: ‚стани и спаси нѐ!‘
28 Каде се, пак, твоите богови, што сам си ги направил? Нека станат тие, ако можат — да те спасат во време на твојата неволја; зашто, колку градови имаш, о, Јудо, толку и богови имаш!
29 Зошто се жалите кај Мене? Сите вие се одметнавте од Мене,“ вели Господ.
30 Напразно ги ударав децата ваши: тие не се вразумија; вашиот меч како истребувачки лав ги јадеше пророците ваши.
31 О роде, чујте го словото Господово: „Јас ли бев пустина за Израел, Јас ли бев земја неплодна? А зошто Мојот народ вели: ‚Слобода сакаме, нема повеќе да доаѓаме кај Тебе!?‘
32 Го заборава ли девојката украсот свој, и невестата — накитот свој? А Мојот народ Ме заборави — има веќе безброј дни.
33 Како лукаво ги насочуваш ти патиштата свои, за да придобиеш љубовници, та дури и непристојните жени ги научи на тоа!
34 По твоите поли има крв од бедните, невини луѓе; иако не ги фати да провалуваат! И покрај тоа,
35 велиш: ‚невина сум, гневот Негов ќе се одврати од мене.‘ — Ете, Јас ќе се судам со тебе, затоа што велиш: ‚не згрешив‘.
36 Зошто толку многу скиташ, менувајќи го патот свој? Ќе бидеш посрамена и од Египет, како што беше посрамена од Асирија;
37 и од него ќе излезеш со рацете на глава, зашто Господ ги отфрли оние на кои ти се надеваш и со нив нема да имаш успех.“