1Зборови на Еремија, — син на Хелкија, еден од свештениците кој живееше во Анатот, во земјата Венијаминова, —
2кому му беше упатено слово Господово во времето на Јошија, син на јудејскиот цар Амон, во тринаесеттата година од царувањето негово,
3а и во деновите на Јоаким, синот на јудејскиот цар Јошија, до крајот на единаесеттата година од царувањето на Седекија, син на јудејскиот цар Јошија, до поробувањето на Ерусалим во петтиот месец.
4И ми беше упатено слово Господово:
5„Пред да те обликувам во утробата, Јас те познавав, и пред да излезеш од утробата, те посветив: те поставив за пророк на народите.“
6Јас, пак, одговорив: „О, Господи Боже, не умеам да говорам, зашто сум уште млад.“
7Но Господ ми рече: „Не вели: — млад сум; — зашто до сите до кои ќе те испратам ќе одиш и сѐ што ќе ти заповедам ќе кажеш.
8Не плаши се од нив; зашто Јас сум со тебе, за да те избавам“, рече Господ.
9И ја протегна Господ раката и се допре до устата моја; и ми рече Господ: „Ете, Јас ги ставив Моите зборови во устата твоја.
10Гледај, Јас те поставив денес над народи и царства, за да искоренуваш и разурнуваш, да погубуваш и да разрушуваш, да ѕидаш и да насадуваш.“
11И пак беше упатено слово Господово до мене: „Што гледаш, Еремија?“ Одговорив: „Гледам гранка од бадемово дрво.“
12Господ ми рече: „Добро гледаш, зашто Јас бдеам над Моето слово, за да се изврши.“
13И по вторпат беше упатено слово Господово кон мене: „Што гледаш?“ Одговорив: „Гледам котел што врие, а отворот му е кон север.“
14И ми рече Господ: „Од север ќе букне злото врз сите луѓе што живеат на земјата.
15Зашто, ете, Јас ќе ги свикам сите племиња на северните царства — вели Господ — и тие ќе дојдат, и секој ќе го постави престолот свој при влезот на ерусалимските порти, околу сите ѕидишта негови и во сите јудејски градови.
16И ќе го изречам судот Свој врз нив за сите нивни беззаконија, затоа што Ме оставија и кадеа темјан на други богови и им се поклонуваа на идоли, дела од нивните раце.
17А ти препаши ги бедрата свои и стани, та кажи им сѐ што ќе ти заповедам; не треси се пред нив, за да не те стресам Јас пред очите нивни.
18И ете, Јас те поставив денес како утврден град, како железен столб и како бронзен ѕид против сите цареви Јудини и кнезовите на целата таа земја, против свештениците негови и против народот на таа земја.
19Тие ќе војуваат против тебе, но нема да те победат; зашто Јас сум со тебе, за да те избавувам“ — вели Господ.