Jeremiah 19
1 Вака рече Господ: оди, купи глинена стомна откај грнчарот; поведи ги со себе најстарите од народот и свештеничките старешини.
2 Па излези во долината на синовите Хиномови, која се наоѓа пред Источната Порта, и објави ги таму зборовите, што ќе ти ги кажам,
3 и кажи: цареви јудејски и жители ерусалимски, чујте го словото Господово! Вака вели Господ Саваот, Бог Израелов — еве, Јас ќе испратам врз ова место зло, и кој ќе чуе за тоа, ќе му пиштат ушите,
4 зашто Ме оставија и туѓо го направија ова место, па кадат во него на туѓи богови, кои не ги познавале ни тие, ниту татковците нивни, а ни јудејските цареви; го исполнија ова место со невина крв,
5 и му подигнаа светилиште на Ваал, за да ги горат синовите свои со оган како сепаленица за Ваал, што Јас не сум ја заповедал, не сум зборувал и што на ум не Ми доаѓало.
6 Затоа, еве, идат дни, вели Господ, кога ова место нема веќе да се нарекува Товет, односно долина на синовите Хиномови, туку Крвна Долина.
7 И ќе ги осуетам намерите на Јуда и на Ерусалим во ова место и ќе дозволам да паднат од меч пред очите на непријателите нивни и од раката на оние, што ја бараат душата нивна, и труповите нивни ќе им ги дадам како храна на птиците небески и на ѕверовите земни.
8 И ќе го направам овој град за ужас и поруга; и секој, што ќе минува низ него, ќе се чуди и ќе си потсвирнува, гледајќи ги многуте рани негови.
9 И ќе ги нахранам со телата на синовите нивни и со телата на ќерките нивни; и секој ќе го јаде телото на својот ближен кога ќе се наоѓа под опсада и во тесно, кога ќе ги притискаат непријателите нивни и оние, што ја бараат душата нивна.
10 Па скрши ја стомната пред очите на луѓето, кои ќе дојдат со тебе,
11 и кажи им: вака вели Господ Саваот — така ќе го разбијам тој народ и тој град, како што е скршен овој грнчарски сад, кој веќе не може да стане цел, и ќе ги погребуваат во Товет, поради немање место за погребување.
12 Така ќе постапам со тоа место, вели Господ, и со неговите жители; и тој град ќе го направам сличен на Товет.
13 А куќите на Ерусалим и куќите на царевите јудејски — ќе бидат нечисти како местото Товет: зашто врз покривите на сите куќи кадеа на целата војска небесна и извршуваа преливи на туѓи богови.
14 Тогаш дојде Еремија од Товет, каде што го беше испратил Господ да пророкува, и застана во дворот на домот Господов и му рече на сиот народ:
15 вака вели Господ Саваот, Бог Израелов — еве, ќе испратам врз овој град и врз сите нивни градови секакво зло, што го изреков против него, бидејќи тие се тврдоглави и не ги слушаат зборовите Мои.