Jeremiah 20
1 Кога Пашхур, синот Имеров, свештеник и надзорник во домот Господов, чу дека Еремија ги изговорил тие пророчки зборови,
2 го фати пророкот Еремија и нареди да го бијат и да го врзат за столбот на срамот, што беше до горните порти Венијаминови кај домот Господов.
3 Но утредента Пашхур го ослободи Еремија, а Еремија му рече: „Господ те нарече не Пашхур, туку ‚Ужас отсекаде‘!
4 Зашто вака рече Господ: еве, ќе те направам ужас за тебе самиот и за сите твои пријатели, и ќе паднат во бој од непријателите свои и очите твои ќе го видат тоа. И сите Јудејци ќе ги предадам во рацете на вавилонскиот цар, кој ќе ги одведе во Вавилон и ќе ги убие со меч.
5 И ќе го продадам сето богатство на тој град, сиот имот негов и сите негови драгоцености; и сите ризници на царевите јудејски ќе ги дадам на неговите непријатели, што ќе ги разграбаат, ќе ги земат и ќе ги однесат во Вавилон.
6 И ти Пашхуре, и сите што живеат во твојата куќа, ќе отидете во ропство; ќе отидеш во Вавилон, таму ќе умреш и таму ќе бидеш погребан, та и сите твои пријатели, на кои лажно им пророкуваше.“
7 Господи, ти ме надви, и јас сум надвиен; Ти си посилен од мене и ме победи, а јас секој ден станувам за потсмев, секој се шегува со мене.
8 Затоа, штом ќе почнам да зборувам, зборувам за насилство, зборувам за разорување, бидејќи словото Господово стана за мене поруга и секојдневен потсмев.
9 Па си реков: нема веќе да спомнувам за Него, ниту ќе зборувам во Негово име; но во срцето како да имам распален оган, затворен во коските мои, и се измачував да го задржам — но не можев.
10 Бидејќи слушав клевети од мнозина, ужаси насекаде! Пријавете го, и ние ќе го обвиниме. Сите, што живееја со мене во мир, сега ме демнат, нема ли некаде да погрешам: „Можеби, велат, тој ќе се улови, и ние ќе го победиме и ќе му се одмаздиме.“
11 Но со мене е Господ како страшен јунак; затоа моите гонители ќе се сопнат и нема да ме победат; многу, многу ќе се засрамат, зашто ќе бидат поразени; срамот ќе биде вечен, нема никогаш да биде заборавен.
12 Господи на силите, Ти го испитуваш праведникот и ја гледаш утробата и срцето негово. Дозволи да ја видам одмаздата Твоја над нив, зашто Тебе Ти го доверив делото свое.
13 Пејте Му на Господ, фалете Го Господа, зашто Тој ја спасува душата на бедниот од рацете на злодејците.
14 Проклет да е денот во кој се родив; денот, во кој ме роди мојата мајка, нека не е благословен!
15 Проклет да е човекот кој ја пренесе веста до татко ми и му рече: „Ти се роди син“ и со тоа многу го зарадува.
16 И со тој човек да стане она што стана со градовите кои Господ ги разруши и не ги пожали; нека слуша тој пискот наутро и напладне — плач,
17 затоа што не ме уби уште во утробата, така што мајка ми да станеше мој гроб и утробата нејзина да останеше вечно бремена.
18 Зошто излегов од утробата, за да гледам маки и таги и дните свои да ги минам во срам?