Jeremiah 16
1 И беше упатено слово Господово до мене:
2 Немој да се жениш, ниту да имаш синови и ќерки на ова место.
3 Зашто вака вели Господ за синовите и ќерките, што ќе се родат во ова место, и за мајките нивни, што ќе ги родат и за татковците нивни, што ќе ги добијат во оваа земја:
4 од тешка смрт ќе умрат тие и нема да бидат оплакани, ниту погребани; ќе бидат како ѓубре земно; со меч и со глад ќе бидат истребени, и труповите нивни ќе им бидат храна на птиците небески и на ѕверовите земни.
5 Зашто така вели Господ: не влегувај во дом на оној, кој тагува и не оди да плачеш и да жалиш со него; зашто Јас го одзедов од тој народ Својот мир, милоста и сожалувањето, вели Господ.
6 И ќе умрат и големите и малите во таа земја; и нема да бидат погребани, ниту ќе бидат оплакувани, ниту некој ќе си прави посекотини заради нив, а и нема да се стрижат за нив.
7 За оној што е во жалост нема да се прекршува леб за да биде утешен поради умрениот; и нема да му подадат чаша поради смртта на неговиот татко и неговата мајка.
8 Не влегувај исто така и во куќа за веселба, да седиш таму со нив, за да јадеш и да пиеш;
9 зашто така вели Господ Саваот, Бог Израелов: еве, Јас ќе го прекратам гласот на радоста и гласот на веселбата, гласот на младоженецот и гласот на невестата во тоа место пред вашите очи и во ваше време.
10 Кога ќе им ги кажеш на луѓето сите овие зборови, и тие ќе ти речат: „Зошто Господ ја искажа врз нас сета оваа беда, и каква е нашата неправда и кој е нашиот грев, со што згрешивме пред нашиот Господ Бог?“ —
11 Тогаш речи им: поради тоа што вашите татковци Ме оставија, вели Господ, и тргнаа по други богови, ним им служеа и им се поклонуваа, а Мене Ме оставија, и законот Мој не го пазеа.
12 А вие постапувавте уште полошо од татковците ваши и секој од вас живее според своето закоравено зло срце, за да не Ме слушате.
13 Поради тоа ќе ве исфрлам од оваа земја во земја, која не ја познавате ни вие ниту татковците ваши, и таму ќе им служите на други богови дење и ноќе; зашто Јас нема да покажам милост кон вас.
14 Затоа, ете, идат дни, вели Господ, кога нема веќе да се вели: „Жив е Господ, Кој ги изведе синовите Израелови од египетската земја“,
15 туку — „Жив е Господ, Кој ги изведе Израеловите синови од северната земја и од сите земји, во кои ги беше прогонил.“ Зашто ќе ги вратам во земјата нивна, што им ја дадов на татковците нивни.
16 Ете, Јас ќе пратам многу рибари, вели Господ, и ќе ги ловат; а потоа ќе пратам многу ловци, и тие ќе ги гонат од сите планини и од секој рид и од камени процепи.
17 Зашто очите Мои се врз сите нивни патишта; тие не се сокриени од лицето Мое, и нивната неправда не е сокриена од очите Мои,
18 и двојно ќе им платам за нивната неправда и за нивниот грев, зашто ја осквернија земјата Моја, со труповите на стрвината своја и со гнасотија го исполнија наследството Мое.
19 Господи, сило моја, крепост моја и прибежиште мое во време на неволја! Кај Тебе ќе дојдат народите од земните краишта и ќе речат: само лага наследија нашите татковци, суета и она, од кое нема никаква полза.
20 Може ли човек да си направи богови? Тоа не се никакви богови!
21 Затоа, еве, Јас сега ќе ги научам, ќе им ја покажам Својата рака и силата Своја, па ќе познаат дека името Мое е Јахве.