1Кој е Оној, Кој иде од Едом, во црвена облека од Восор, Кој е толку величествен во облеката Своја, Кој пристапува во полната сила Своја? — „Јас сум, Кој изрекувам правда и сум силен да спасувам.“
2Зошто Твојата облека е црвена, и твоите облеки — како на оној, што газел во каца?
3„Јас газев во каца Сам, и никој од народите не беше со Мене; Јас ги газев во гневот Свој и ги газев во јароста Своја; крвта нивна Ми ја прскаше облеката Моја; ја извалкав целата облека Моја;
4зашто денот за одмазда е во срцето Мое, и годината на искупените од Мене настапи.
5Јас гледав — и немаше помошник; се чудев, зошто немаше кој да Ме поткрепи; но Мојата рака Ми помогна, и Мојот гнев — тој Ме поткрепи:
6и во гневот Свој ги згазив народите, ги уништив во јароста Своја и ја излеав на земјата крвта нивна.“
7Ќе се сеќавам на милоста и славата Господова, за сѐ што Господ ни дарува, за големата Негова благост кон домот Израелов што Тој ја укажа по милосрдноста Своја и по многуте добрини Свои.
8Тој рече: „Навистина, тие се Мој народ, деца што нема да изневерат,“ — и Тој ќе биде нивни Спасител.
9Во секоја нивна жалост Тој не ги оставаше и Ангелот на Неговото присуство ги спасуваше; со Својата љубов и добросрдечност Тој ги искупи, ги зеде и ги носеше во текот на сите древни дни.
10Но, тие се одметнаа и Го огорчија Неговиот Свет Дух; затоа Тој им стана непријател, така што Сам војуваше против нив.
11Тогаш народот Негов си спомна за древните дни, деновите на Мојсеј: каде е Оној што ги изведе од морето со пастирот на Своите овци? Каде е Оној што Го вложи во неговото срце Својот Свет Дух?
12Кој го водеше Мојсеј за десната рака со Својата величествена сила и ги раздели пред нив водите, за да си создаде вечно име?
13Кој ги водеше преку бездни, како коњ по степи и тие не се сопинаа?
14Како што стадо слегува во долина, — така Духот на Господ ги води кон покој. Така и Ти го водеше Својот народ, за да си создадеш славно име.
15Ѕирни од небесата и погледни од Твоето живеалиште на светињата Твоја и на славата Твоја: каде се ревноста и силата Твоја? Големата Твоја милосрдност и милоста Твоја кон мене престанаа.
16Само Ти си Отец наш; зашто Авраам не нѐ познава, ниту Израел нѐ признава за свои; Ти, Господи, си наш Отец, отсекогаш Твоето име е: „Искупител наш.“
17Зошто Господи, си допуштил да се отстраниме од Твоите патишта, да се ожесточи срцето наше, за да не се плашиме од Тебе? Сврти се заради Твоите слуги, заради племињата на Твоето наследство.
18Кратко време владееше над него народот на Твојата светиња: непријателите наши го изгазија твоето светилиште.
19Ние станавме такви, како над кои никогаш да не си владеел, и над кои името Твое да не се спомнувало. О, да беше ги раскинал Ти небесата и да беше слегол! Горите би се стопиле од лицето Твое!