1Дигни се, заблескај Ерусалиме, зашто дојде твојата светлина, и славата Господова изгреа над тебе.
2Зашто, ете, темнина ќе ја покрие земјата, и мрак — народите; а над тебе ќе засветли Господ, и славата Негова ќе се јави над тебе.
3И народите ќе дојдат кон твоето видело, царевите — кон светлината што изгрева над тебе.
4Крени ги очите и погледај наоколу: сите тие се собираат, идат кај тебе; твоите синови ќе дојдат оддалеку, и твоите ќерки на раце ќе се носат.
5Тогаш ќе видиш и ќе се зарадуваш, и срцето твое ќе затрепери и ќе се рашири, зашто богатството на морето ќе потече кон тебе, имотот на народите ќе дојде кај тебе.
6Множество камили ќе те покријат, едногрби камили од Мидјан и од Ефа; сите тие ќе дојдат од Сева, ќе донесат злато и темјан и ќе ја објавуваат славата Господова.
7Сите кедарски стада ќе бидат собрани кај тебе; овните невајотски ќе ти послужат: ќе излезат на жртвеникот Мој како благоугодна жртва, а Јас ќе го прославам домот на Мојата слава.
8Кои се тие што летаат како облаци, и како гулаби — кон гулабарниците свои?
9Да, Мене Ме чекаат островите и пред нив — таршишките кораби, за да ги пренесат синовите твои оддалеку и со нив — сребро нивно и злато нивно, во името на Господ, твојот Бог, и на Светецот Израелов, зашто Тој те прослави.
10Тогаш синовите на туѓинци ќе ги градат ѕидовите твои, и нивните цареви — ќе ти служат; зашто во гневот Свој те казнував, но во благоволението Свое бев милостив кон тебе.
11Твоите порти секогаш ќе бидат отворени, нема да се затвораат ни дење, ни ноќе, за да се принесува кај тебе имотот на народите и да се доведуваат нивните цареви.
12Зашто народот и царствата, кои нема да сакаат да ти служат, ќе загинат, и таквите народи сосема ќе бидат истребени.
13Славата на Ливан ќе дојде кај тебе со кипарис, бор и кедар заедно, за да го украси местото на Моето светилиште, — а Јас ќе го прославам подножјето на нозете Свои.
14И ќе дојдат кај тебе со покорност синовите на оние, што те измачуваа, ќе ти се поклонуваат пред нозете твои сите што те презираа; ќе те наречат град на Господ, Сион на Светецот Израелов.
15Затоа што беше изоставен и намразен, така што никој не минуваше преку тебе, — Јас ќе те направам вечна слава, и радост од род во род.
16Ти ќе се наситуваш од млекото на народите, и ќе смукаш од царски гради, и ќе познаеш дека Јас, Господ, сум твој Спасител и твој Искупител, Силниот Јаковов.
17Место бакар ќе ти испраќам злато, место железо — сребро, и место дрво — бакар, а место камења — железо; и ќе го поставам мирот за твој управител и правдата — за твој надзорник.
18Нема повеќе да се слуша за насилство во земјата твоја, ниту опустошување и разурнување — во пределите твои; и ѕидовите свои ќе ги нарекуваш спасение и портите свои — слава.
19Нема повеќе сонцето да ти биде видело на денот, ниту сјајот на месечината ќе ти свети; Господ ќе ти биде вечна светлина, и твојот Бог — твоја слава.
20Нема да заоѓа веќе твоето сонце, ниту твојата месечина ќе потемнува, зашто Господ ќе ти биде вечна светлина; ќе се свршат дните на твоето тагување.
21И сиот народ твој ќе биде праведен, засекогаш ќе ја наследи земјата, — фиданка од она што сум го посадил, дела на рацете Мои, за Мое прославување.
22Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме.