1Праведниот умира и никој не се загрижува; и благочестиви луѓе се земаат и никој не помислува дека праведникот од зло се оттргнува.
2Тој оди во мир; оние што одат по правиот пат, ќе почиваат на леглата свои.
3Но приближете се вие тука, синови на врачеви, семе на прељубодеец и блудница!
4Со кого се подбивате? Против кого отворате уста и го покажувате јазикот? Не сте ли деца на гревот, семе на лагата,
5кои сте запалени од похотта кон идоли под секое гранчесто дрво, кои колете деца покрај потоци, меѓу пукнатини на карпи?
6Во мазните камења на потоците е твојот дел; тие, тие се твоја ждрепка, ним им правиш ти прелив и им принесуваш жртва: можам ли Јас да бидам од тоа задоволен?
7На висока и голема планина го поставуваш леглото свое, и таму се качуваш да принесуваш жртва.
8Зад вратата и зад довратниците ги ставаш твоите спомени; зашто, кога ќе се одвратиш од Мене, ти се разголуваш и се качуваш; го прошируваш леглото свое и се договараш со оние од нив, со кои сакаш да лежиш и го погледнуваш местото.
9Ти си одела и кај царот со миризливо масло и си ги умножувала твоите мириси, и далеку си ги испраќала своите гласници и си ги струполила до пеколот.
10Од долгото скитање ти си папсана, но не рече: „Надежта е изгубена!“ Сѐ уште си наоѓаш нова сила и затоа не почувствува слабост.
11А од кого се уплаши и застраши, па стана неверна и престана да Ме помниш и пазиш во срцето свое? Не е ли затоа што Јас молчев, што молчев долго, та ти престана да се плашиш од Мене?
12Ќе ја објавам твојата правда и твоите дела, и тие нема да бидат во твоја полза.
13Кога ќе повикаш, ќе те спасат ли идолите што си ги собрала? — Сето тоа ветрот ќе го однесе, ќе го развее; а кој се надева на Мене, ќе ја наследи земјата и ќе ја владее Мојата света гора.
14Ќе се рече: „Срамнете, рамнете, израмнете го патот, отстранете ги пречките од патот на Мојот народ.“
15Зашто вака вели Високиот и Возвишениот, вечно Живиот, Чие име е Светец: „Јас живеам на небесната височина и во светилиштето, но Јас сум и со оние што имаат скршено срце и понизен дух, за да го оживувам духот на понижените и да ги оживувам срцата на поразените.
16Зашто нема вечно да се заканувам, ниту докрај да се гневам; инаку ќе падне пред Мене секој дух и секоја душа што сум ги создал.
17Заради нивното грешно лукавство, Јас се разгневив и ги биев, се криев и се лутав; но тие продолжуваа да си се враќаат на своите патишта.
18Ги видов патиштата нивни, но ќе ги излекувам, ќе ги водам и ќе ги утешувам, нив и оние што ги жалат.
19Јас ќе го исполнам словото: мир, мир на далечен и на ближен“ — вели Господ, „И ќе го излекувам.“
20А нечесните се како разбрането море, кое не може да се смири, и чии води исфрлаат тиња и кал.
21Нема мир за грешниците, вели Господ Бог.