Isaiah 46
1 Падна Вил, се собори Нево; идолите им се врз добитокот и товарните животни; вашиот товар стана бреме за уморените животни.
2 Се навалија, паднаа одеднаш; не можеа да ги спасат оние, што ги носеа, и сами паднаа во ропство.
3 Послушај Ме, доме Јаковов и сиот остаток од домот Израелов, кого го носам од утробата, кого го држам од раѓањето;
4 и до вашата старост Јас ќе бидам истиот, до вашите бели коси ќе ве носам; Јас ве создадов и ќе ве носам, ќе ве поддржам и ќе ве пазам.
5 Со кого ќе Ме изедначите, и ќе Ме споредите? Кого ќе го земете за пример да прилега на Мене?
6 Истураат злато од торбичката и премеруваат сребро на терезии, па најмуваат златар, за да направи од него бог, му се поклонуваат и ничкум паѓаат пред него;
7 го креваат на рамо, го носат и го ставаат на местото негово; тој стои, од местото свое не се помрднува; му викаат, — тој не одговара, од неволја не спасува.
8 Спомнете си го тоа и бидете луѓе; земете го тоа при срце, отстапници.
9 Спомнете си за она што било порано, од крајот на векот; земете го тоа при срце, зашто Јас сум Бог и нема друг Бог и нема подобен на Мене.
10 Јас го навестувам во почетокот она што ќе биде на крајот, од старо време она што уште не станало, па велам: „Мојата одлука ќе се изврши, и сѐ што Ми е угодно — ќе го направам.“
11 Јас го повикав орелот од исток, од далечна страна, исполнителот на Мојата волја. Јас реков — и ќе го извршам тоа; замислив — и ќе го направам.
12 Послушајте Ме, жестокосрдни, вие, кои сте далеку од правдата:
13 Ја приближив Мојата правда — таа не е далеку, спасението од Мене нема да се забави; и ќе му дадам на Сион спасение, на Израел — Својата слава.