1Вака му вели Господ на Својот помазаник Кир: „Те држам за десната рака, за да ти покорам народи, и ќе ги симнам појасите од бедрата на царевите, за да ти се отворат вратите, и портите да не бидат затворени.
2Пред тебе ќе одам, планини ќе рамнам, бакарни врати ќе разбивам и железни резиња ќе кршам;
3тебе ќе ти ги предадам чуваните во темно богатства и сокриените добра, за да познаеш дека Јас сум Господ, Кој тебе те нарекува по име, Бог Израелов.
4Заради Јаков, Мојот слуга и Израел, Мојот избраник, Јас те нареков по име, те именував, иако ти не Ме познаваше.
5Јас сум Господ и нема друг; нема Бог освен Мене; Јас те наоружив, иако не Ме познаваше,
6за да дознаат од исток до запад дека нема друг освен Мене: Јас сум Господ, и нема друг.
7Јас ја создавам светлината и ја правам темнината, создавам среќа и доведувам несреќа. Јас, Господ го вршам сето тоа.
8Росете, небеса, одозгора, и облаците нека изливаат правда; нека се распука земјата и нека никне спасение, заедно да изникне и правдата. Јас, Господ, го правам тоа.
9Тешко му на оној, кој се расправа со Создателот свој, а претставува само црепче меѓу глинени садови! Ќе му каже ли глината на грнчарот: ‚што правиш‘ и твоето дело ќе каже ли за тебе: ‚тој нема раце?‘
10Тешко му на оној, кој му вели на татко си: ‚зошто си ме создал на светов?‘, а на мајка си: ‚зошто си ме родила?‘“
11Вака вели Господ, Светецот Израелов и неговиот Творец: „Зар вие ќе Ме испрашувате за синовите Мои и ќе сакате ли да Ми се мешате во делото на рацете Мои?
12Јас ја создадов земјата и го создадов на неа човекот; Јас — Моите раце ги простреа небесата; и на сета нивна војска Јас им заповедам.
13Јас го подигнав царот Кир во правда и ќе ги израмнам сите патишта негови. Тој ќе го изгради Мојот град и ќе ги отпушти заробените Мои не за откуп, ниту за дарови, вели Господ Саваот.
14Вака вели Господ: печалбите на Египќаните и трговијата на Етиопјаните и Савејците, луѓе силни, кај тебе ќе преминат и твои ќе бидат, во вериги ќе дојдат, ќе паднат пред тебе ничкум и ќе те молат, велејќи: само ти имаш Бог, и нема друг, нема друг Бог освен Него.“
15Вистина, Ти си Бог сокриен, Бог Израелов, Спасител.
16Сите тие ќе бидат посрамени и засрамени; заедно со нив ќе отидат со срам и сите оние што прават идоли.
17А Израел ќе биде спасен со вечно спасение од Господ; вие нема да бидете посрамени и осрамотени во векови.
18Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Тој, Бог, Кој ѝ даде облик на земјата и Кој ја создаде; Тој ја зацврсти, не ја создаде пуста, Тој ја создаде за живеење. Тој вели: Јас сум Господ, и нема друг.
19Не говорев тајно Јас, не во темно место на земјата; не му реков на Јакововото племе: „Барајте Ме во пустошот.“ Јас сум Господ, Кој изрекува правда, Кој ја открива вистината.
20Соберете се и дојдете, приближете се сите, преживеани од народите. Неразбрани се оние, што го носат својот дрвен идол и се молат на бог, кој не спасува.
21Објавете и кажете, откако ќе се посоветувате меѓу себе: кој го кажа тоа од стари времиња? Кој однапред го кажал тоа? Нели Јас, Господ? Нема друг Бог освен Мене, — Бог праведен и Кој спасува, нема освен Мене.
22Кон Мене обратете се, и ќе бидете спасени, сите краишта земни, зашто Јас сум Бог и нема друг!
23Се колнам во Себе Самиот: од устата Моја излегува правда, збор неизменлив, дека пред Мене ќе се преклони секое колено, во Мене ќе се колне секој јазик.
24Само во Господ, ќе велат за Мене, има правда и сила; при Него ќе дојдат и посрамени сите, што непријателствувале против Него.
25Преку Господ ќе биде оправдано и прославено целото племе Израелово.