Isaiah 40
1 Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели вашиот Бог;
2 говорете му нежно на Ерусалим, и известете го дека времето на неговата казна се исполни дека за неправдата му е платено зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови.
3 Гласот на оној што вика во пустината говори: „Пригответе Му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог;
4 секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети;
5 и ќе се јави славата Господова, и сите луѓе ќе го видат спасението од Бога; зашто устата Господова го изрече тоа.“
6 Гласот говореше: „Разгласувај!“ и прашав: „Што да разгласувам?“ — „Секој човек е трева, сета убавина негова е како полско цвеќе.
7 Тревата се исушува, цвеќето овенува, штом ќе дувне врз него здивот на Господ: така е и народот како трева.
8 Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно.“
9 Искачи се на високата гора Сион, ти кој јавуваш добри вести за Сион, извиши го силно гласот свој, благоизвестителе Ерусалиме, подигни го, не плаши се. Кажи им на градовите Јудини: еве Го вашиот Бог!
10 Ете, Господ Бог иде со сила и раката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово.
11 Како пастир ќе го пасе Тој стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Тој во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доилките.
12 Кој ги измерил водите со раката своја и со педа го измерил небото, и со мерка го измерил правот земен, кој ги измерил на терезија планините и ридовите?
13 Кој го упатил Духот на Господ, и Му бил Нему советник и Го учел?
14 Со кого се советувал Тој, и кој Го вразумувал и Го поучувал во патот на правдата, и Го учел на знаење и Му го покажувал патот на мудроста?
15 Ете, народите се како капка од ведро, и претставуваат прашинка на терезија. Ете, островите Тој ги подига како прашинки.
16 Ни Ливан не стигнува за жртвен оган, ни животните по него — за сепаленица.
17 Сите народи пред Него се како ништо, — за Него се помалку од ништо, и помалку се од суетата.
18 И така, со кого ќе Го споредите Бога, и каква подобност ќе Му најдете?
19 Уметникот го излева идолот, а златарот го покрива со злато и му додава сребрени веришки.
20 А кој е сиромав и нема што да му принесе, тој избира дрво, кое не гние, па бара искусен уметник за да направи идол, што ќе стои неподвижен.
21 Зар не знаете? Зар не сте слушале? Зар не ви е зборувано во почетокот? Зар не сте го разбрале тоа од основањето на земјата?
22 Тој е Оној, Кој седи над кругот на земјата, а оние, што живеат на неа, се како скакулци пред Него; Тој ги распослал небесата како тенко платно и ги распнал како шатор за живеење.
23 Тој ги претвора кнезовите во ништо, судиите земни ги прави да бидат ништожни.
24 Одвај посадени, одвај посеани, одвај се закоренил во земјата стракот нивни, штом Тој ќе дувне врз нив, тие се исушуваат; виорот ги однесува како плева.
25 „Со кого ќе Ме изедначите и со кого ќе Ме споредите?“ — вели Светецот.
26 Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Тој сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига.
27 А како говориш ти, Јакове, и велиш, Израеле: „Патот ми е сокриен од Господ, делото мое е заборавено пред мојот Бог?“
28 Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е неиспитлив.
29 Тој му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот.
30 Се уморуваат и момчињата и ослабуваат, и млади луѓе паѓаат,
31 а оние кои се надеваат на Господ, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат.