Isaiah 38
1 Во тие денови Езекија се разболе смртно. И дојде кај него пророкот Исаија, синот Амоцов, и му рече: „Вака вели Господ: направи тестамент за домот свој, зашто ќе умреш, нема да оздравиш.“
2 Тогаш Езекија се сврте со лицето кон ѕидот и се помоли на Господ велејќи:
3 „О, Господи! Сети се дека јас одев пред Твоето лице верно и со предано срце кон Тебе и вршев она што беше угодно пред Твоите очи.“ И силно заплака Езекија.
4 И дојде словото Господово кон Исаија и му беше речено:
5 „Оди, кажи му на Езекија: вака вели Господ, Бог на твојот предок Давид: ја чув твојата молитва, ги видов твоите солзи, и ете, додавам кон твоите дни уште петнаесет години,
6 ќе те спасам тебе и овој град од раката на царот асирски. Да, ќе го зачувам тој град.
7 И еве ти знак од Господ дека Господ ќе го исполни словото што го изрече.
8 Еве, ќе ја вратам десет стапки назад сончевата сенка, која мина по стапките Ахазови.“ И се врати сонцето десет стапки по стапките, по кои тоа слегуваше.
9 Молитвата на јудејскиот цар Езекија, кога беше болен и оздраве од болеста:
10 „Си реков во себеси: кога ги преполовив дните свои, треба да влезам во портите на Подземјето; јас сум лишен од остатокот на годините свои.
11 Јас реков: нема да Го видам Господ Бог во земјата на живите; нема да видам повеќе човек меѓу оние што живеат во светот;
12 моето живеалиште се симна од местото и се оддалечи од мене како овчарски шатор; како ткаач треба да го пресечам животот свој; Тој ме отсече од основа; дење и ноќе чекав дека Ти ќе пратиш смрт.
13 Чекав до утрото; како лав Тој ги кршеше сите мои коски; ден и ноќ чекав дека ќе ми испрати смрт.
14 Како жерав, како ластовичка цивкав, како гулаб тагував; очите мои гледаа кон небото: Господи, притеснет сум, спаси ме.
15 Што да кажам? Тој ми рече, и Тој направи. Мирно ќе ги поминам сите години на животот свој, помнејќи ја тагата на душата своја.
16 Господи, така живеат луѓето, и во сето тоа за Тебе ќе живее мојот дух; Ти ќе ме излекуваш, ќе ми даруваш живот.
17 Ете, за добро ми беше силната тага, Ти ја спаси душата моја од погибелниот ров, ги фрли зад грбот Свој сите мои гревови.
18 Зошто Подземјето Тебе не Те слави, смртта Тебе не те восфалува, слезените во гроб не се надеваат на Твојата вистина.
19 Живите, само живите ќе Те прослават, како јас сега; таткото ќе им ја соопшти на децата Твојата верност.
20 Господ ќе ме спаси; и ние во сите дни на нашиот живот со звуците на моите жици ќе пееме песни во домот Господов.“
21 Тогаш рече Исаија: „Нека донесат суви смокви, нека ги изгмечат и нека ги стават врз чирот; и царот ќе оздрави.“
22 А Езекија рече: „Кој е знакот дека ќе отидам во домот Господов?“