Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Isaiah 37

:
Macedonian - 2006
1 Штом го чу тоа царот Езекија, ја раскина својата облека и се по­к­ри со вреќиште, па отиде во домот Господов;
2 ги повика началникот на дворецот Елијаким, и писарот Севна, и стареши­ните на свештениците, покриени со вреќишта кај пророкот Исаија, син Амоцов.
3 И тие му рекоа: „Вака вели Езекија: овој ден е ден на жалост, казна и срам, зашто новороденчињата дојдоа до отворот на мајчината утроба, но сила нема за раѓање.
4 Можеби, Господ, твојот Бог, ќе ги чуе зборовите на Рапсак, кого асирски­от цар, негов господар, го прати да Го навредува живиот Бог и да се подбива со зборовите, кои ги чу Господ, твојот Бог; затоа принеси молитва за оние, што се уште живи.“
5 И отидоа слугите на царот Езекија кај Исаија.
6 И им рече Исаија: „Вака кажете му на вашиот господар: вака вели Господ: не плаши се од зборовите што ги чу, со кои Ме навредуваат слугите на асир­скиот цар.
7 Ете, Јас ќе испратам во него дух, и тој ќе чуе вест и ќе се врати во земјата своја, и Јас ќе го погубам со меч во неговата земја.“
8 Тогаш Рапсак се врати и најде дека асирскиот цар војува против Ливна; зашто беше чул дека господарот негов се повлекол од Лакиш.
9 И тој чу за Тирхака, царот етиопски; нему му беа рекле: ете, тој излезе да војува со тебе. Кога го чу тоа, тој ис­прати гласници кај Езекија, велејќи:
10 „Вака кажете му на Езекија, царот јудејски: нека не те мами твојот Бог, на Кого се надеваш, велејќи: Ерусалим не­ма да биде предаден во рацете на царот асирски.
11 Ете, ти си чул што направија асир­ските цареви со сите земји, ставајќи врз нив клетва; та ти ли ќе се избавиш?
12 Боговите на народите, кои татков­ците мои ги разорија, ги спасија ли, го спасија ли Гозан и Харан, Рецеф и синовите на Еден, што се во Таласар?
13 Каде е царот хаматски, и царот арпадски, и царот на Лаир, Сефарваим, Хена и Ива?“
14 И го зеде Езекија писмото од ра­цете на пратениците и го прочита, па отиде Езекија во домот Господов и го отвори пред лицето Господово;
15 потоа се помоли Езекија пред лицето на Господ и рече:
16 „Господи Саваоте, Боже Израелов, Кој седиш на херувими! Ти единствен си Бог на сите земни царства: Ти си ги создал небото и земјата.
17 Приклони го, Господи, увото Свое и чуј; отвори ги, Господи, очите Свои и погледај, чуј ги зборовите на Сена­хирим, кој испрати да хулат на Тебе, живиот Бог.
18 Навистина, Господи, асирските ца­реви ги опустошија сите краишта и земјите нивни.
19 Тие ги изнафрлаа во оган боговите нивни; но тоа не беа богови, туку изра­ботки од човечки раце, дрво и камен, затоа и ги уништија.
20 И сега, Господи, Боже наш, спаси нѐ од раката негова: тогаш ќе дознаат сите земни царства дека Ти, Господи, си единствен Бог.“
21 И испрати Исаија, синот на Амоц, до Езекија да кажат: вака вели Господ, Бог Израелов: „За она што ти Ми се молеше против Сенахирим, царот асирски, ра­цете
22 еве го словото што Господ го изрече за него: ќе те презре, ќе ти се потсмее девицата, ќерката Сионова, ќе ја заниша главата по тебе ќерката ерусалимска.
23 Кого ти прекоруваше и навредуваше? Против кого го подигна гласот и ги крена толку високо очите свои? Против Светецот Израелов.
24 Преку слугите свои ти Го прекоруваше Господа, велејќи: ‚Со множеството мои коли се искачив на врвот од планините, врз ребрата на Ливан, ги исеков високите негови кедри, убавите негови кипариси, и стигнав до самиот врв негов, и до горичката негова;
25 и ископав и пиев вода; и со стапките на нозете свои ги исушив сите реки египетски.‘
26 Зар не си чул дека Јас одамна го направив тоа, во стари дни го преднацртав, а сега го исполнив со тоа, што ти ги опустошуваш силните градови, претворајќи ги во купишта урнатини?
27 Жителите нивни изнемоштеа; тре­перат и остануваат во срам; станале како трева по полето и нежно тревно растение, како тревки по покривите, свенати уште пред да пораснат.
28 Ќе седнеш ли, ќе излезеш ли, или ќе влезеш Јас знам сѐ, ја знам и дрскоста твоја против Мене.
29 За твојата дрскост против Мене и за тоа дека твојата надуеност дојде до ушите Мои, ќе ја ставам алката Своја во ноздрите твои и уздата Своја во устата твоја; ќе те вратам назад по истиот пат, по кој си дошол.
30 И еве ти знак, Езекија: јадете го оваа година израснатото од паднатото зрно, а во другата година самоизраснатото; на третата, пак, година, сејте и жнејте, садете лозја и јадете ги плодо­вите нивни.
31 Зашто преживеаните во домот Јудин, тие што ќе останат, пак ќе пуштат корен долу и ќе дадат плод горе,
32 зашто од Ерусалим ќе произлезе остатокот, и од градот Сион спасението. Тоа ќе го изврши ревноста на Господ Саваот.“
33 Поради тоа, вака вели Господ за асирскиот цар: „Нема да влезе тој во овој град, ниту ќе фрли таму стрела, и нема да се доближи до него со штит, ниту ќе ископа опкоп околу него;
34 по кој пат дошол, по истиот и ќе се врати, но во тој град нема да влезе, вели Господ.
35 Јас ќе го бранам овој град, за да го спасам поради Себе и поради Мојот слуга Давид.“
36 Тогаш излезе ангел Господов и погуби во асирскиот логор сто осумдесет и пет илјади души. Утредента станаа, и, ете, насекаде имаше само мртви тела.
37 И отстапи Сенахирим, царот асир­ски, та си отиде, се врати и живееше во Ниневија.
38 И кога се поклонуваше во домот на својот бог Нисрох, синовите негови Адрамелех и Шарецер го убија со меч, а самите избегаа во Араратската земја. И место него стана цар синот негов Асар-Хадон.