Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Isaiah 36

:
Macedonian - 2006
1 Во четиринаесеттата година на царот Езекија, асирскиот цар Сенахирим, стана против сите утврдени градови на Јудеја и ги презеде.
2 Тогаш асирскиот цар го прати Рапсак со голема војска од Лакиш во Ерусалим кај царот Езекија; и тој се запре кај водоводот на горниот водостој по патот за нивата на валавичарот.
3 И излезе кај него Елијаким, Хелкие­виот син, началник на дворецот, и пи­сарот Севна, и летописецот Јоах, Аса­фовиот син.
4 И им рече Рапсак: „Кажете му на Езекија: вака вели големиот цар, царот асирски: каква е таа надеж, на која се надеваш?
5 Јас мислам дека се тоа само празни зборови, а за војна се потребни совет и сила: и така, на кого се надеваш ти, па си се одметнал од мене?
6 Ете, ти многу се потпираш на Египет, на таа скршена трска, која, ако некој се потпре на неа, ќе му влезе во раката и ќе ја прободе. Таков е фарао­нот, царот египетски, за сите, кои се надеваат на него.
7 Ако ли ми кажеш: се надеваме на Господ, нашиот Бог, тогаш на оној ли, Чии светилишта и жртвеници ги от­страни Езекија и му кажа на Јуда и на Ерусалим: ‚само пред овој жртвеник поклонувајте се?‘
8 И така, влези во сојуз со мојот господар, царот асирски; ќе ти дадам две илјади коњи; можеш ли да испра­тиш јавачи за нив?
9 Па како мислиш да се одбраниш ду­ри и од еден од најмладите слуги на мојот господар, надевајќи се на Египет, да ти даде бојни коли и коњи?
10 Та зар јас без волјата на Господ тргнав против оваа земја, за да ја разорам? Господ ми рече: оди против таа земја и разори ја.“
11 Тогаш Елијаким, Севна и Јоах му рекоа на Рапсак: „Говори им на слугите твои на арамејски, зашто ние разбираме, а не ни зборувај по јудејски, за да чуе народот, кој е на ѕидините.“
12 И Рапсак рече: „Зар само кај твојот господар и кај тебе ме испрати господарот мој да ги кажам овие зборови? Зар не и кај луѓето, што седат по ѕидините, осудени да го јадат со вас изметот свој и да ја пијат мочта своја?“
13 Тогаш стана Рапсак и извика со висок глас по јудејски и рече: „Чујте ги зборовите на големиот цар, асирскиот цар!
14 Вака вели царот: нека не ве мами Езекија, зашто тој не може да ве спаси;
15 И нека не ви дава надеж Езекија во Господ, велејќи: ‚Господ ќе нѐ спаси; овој град нема да биде предаден во рацете на царот асирски.‘
16 Не го слушајте Езекија, зашто вака говори царот асирски: примирете се со мене и предајте ми се, и секој нека го јаде плодот од лозјето свое и од смоквата своја и секој нека пие вода од својот кладенец,
17 додека не дојдам и ве одведам во исто таква земја, каква што е и вашата земја, во земја на леб и вино, во земја на плодови и лозја.
18 И така, да не ве мами Езекија, велејќи: ‚Господ ќе нѐ спаси.‘ Боговите на другите народи ја спасија ли, секој својата земја од раката на асирскиот цар?
19 Каде се боговите на Хамат и Ар­пад? Каде се боговите на Сефарваим? Ја спасија ли тие Самарија од мојата рака?
20 Кој од сите богови на тие земји ја спаси земјата своја од мојата рака? Та зар Господ ќе го спаси Ерусалим од мојата рака?“
21 Но тие молчеа и не му одговорија ни збор, зашто од царот беше дадена повелба: не одговарајте му.
22 Тогаш отиде Елијаким, синот Хел­киев, началник на дворецот, и Севна писарот, и Јоах, син Асафов, летописец при Езекија, со раскината облека, и му ги соопштија зборовите на Рапсак.