Isaiah 30
1 Тешко им на непокорните синови, вели Господ, кои се советуваат, но без Мене, и склучуваат сојузи, но не според Мојот дух, за да додаваат грев врз грев:
2 а да не ја прашаат устата Моја, одат во Египет, за да се поткрепуваат со силата на фараонот и да се сокријат под сенката на Египет.
3 Но силата фараонова ќе биде срам за вас, а засолништето под сенката на Египет — бесчестие;
4 зашто кнезовите негови веќе се во Цоан, а гласниците негови стигнале до Ханес.
5 Сите тие ќе бидат посрамени заради народот, кој е бескорисен за нив; од него нема да има ни помош, ни корист, туку — срам и подбив.
6 Пророштво за животните од Негев: натоварени животни одат кон југ, по земјата на маката и бедата, од каде што излегуваат лавови и лавици, змии и змејови што летаат; тие ги носат на грбот на магарињата своите богатства и врз грбовите на камилите — своите ризници кон народ, кој нема да им донесе полза.
7 Зашто помошта од Египет ќе биде залудна и без корист; затоа Јас ги нареков: „Неподвижната Рахав“.
8 Сега оди, напиши им го тоа на штичка, и запиши го во книга, за да остане за во иднина, засекогаш и довека.
9 Зашто тоа е народ непокорен, деца лажливи, деца, кои не сакаат да го слушаат законот Господов,
10 кои им говорат на јасновидците: „Престанете да предвидувате“, и на пророците: „Не ни пророкувајте правда, говорете ни ласкаво, претскажувајте го она што ни е пријатно;
11 слезете, тргнете се од патеката; отстранете го од очите наши Светецот Израелов.“
12 Затоа вака вели Светецот Израелов: бидејќи вие го отфрливте тоа слово, а се надевате на измама и неправда, и се потпирате на нив,
13 затоа ова беззаконие ќе биде за вас како пукнатина надвисната за да падне, чие уривање ќе стане ненадејно, во еден миг.
14 И уривањето ќе биде како кршење на глинен сад, разбиен немилосрдно, така што во кршот не ќе се најде ни парченце, со кое би се земал оган од огниште, или би се зафатила вода од вир.
15 Зашто вака вели Господ Бог, Светецот Израелов: „Ако останевте на местото и мирувавте, ќе се спасевте; во кротката надеж е вашата сила, но вие не сакавте
16 и велевте: ‚не, ние ќе избегаме на коњи‘, — затоа и ќе бегате; ‚ние со брзи коњи ќе избегаме‘ — затоа и оние што ве гонат, ќе бидат брзи.
17 Од стравот на еден илјада ќе бегате, од стравот на петмина ќе бегате, така што вашиот остаток ќе биде како колец на врв од планина и како знаме на рид.“
18 И затоа Господ чека да ве помилува и желно гледа за да се смили над вас; зашто Господ е Бог на правдата — блажени се сите што се надеваат на Него!
19 Народе што живееш во Сион, во Ерусалим; ти нема уште долго да плачеш; Бог ќе те помилува, по гласот на твојот плач, и штом ќе го чуе, ќе ти одговори.
20 И ќе ви даде Господ леб, кога сте во мака и вода по потреба; твојот Учител нема повеќе да се крие, очите твои ќе Го гледаат твојот Учител;
21 ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас — ете го патот, врвете по него!
22 Тогаш ќе ги сметаш за одвратност излиените од твое сребро идоли и опковани од твое злато кипови; ти ќе ги фрлиш како нечистотија; ќе им речеш — иставете се оттука.
23 И Тој ќе даде дожд врз твоето семе, со кое ќе ги засееш нивите, и лебот, што го раѓа земјата, ќе биде изобилен и вкусен; стадата твои во тој ден ќе пасат по широки пасишта.
24 Воловите и магарињата, што ги обработуваат нивните, ќе јадат посолена крма, исчистена со лопата и веалка.
25 По секоја висока гора и по секој издигнат рид ќе потечат бразди, потоци вода, во денот на големиот пораз, кога ќе паднат кулите.
26 И светлината на месечината ќе биде како светлина на сонцето, а светлината на сонцето ќе биде седумпати посветла, колку светлина на седум дена, во тој ден, кога Господ ќе ја преврзе раната на Својот народ и ќе ги излекува неговите рани.
27 Ете, името на Господ иде оддалеку; гневот Негов гори, пламенот Негов е силен; устата Негова е полна со негодување, а јазикот Негов е како оган, што голта;
28 дишењето Негово е како надојдена река, која се крева дури до вратот, за да ги просее народите до истоштување; и во челустите на народите да им стави узда која ќе ги заведува.
29 А кај вас ќе има песни, како во празнични ноќи, и веселба во срцето, како кај оној што оди со свирка на гората Господова, кон карпата Израелова.
30 И ќе загрми Господ со Својот величествен глас и ќе им го покаже замавот на Својата рака со силен гнев и со пламен огнен, кој сѐ проголтува, во бура, во силен дожд и во град.
31 Зашто од гласот на Господ ќе стрепне Ашур, удрен со палка.
32 И секој со казнената палка со која Господ ќе го удри, ќе биде со тимпани и харфи, и Тој ќе оди во опустошувачка војна против него.
33 Зашто Тофет веќе одамна е подготвен; тој е подготвен и за царот — длабок и широк; во кладата негова има многу оган и дрва; здивот на Господ, како поток од сулфур, ќе го запали.