1Тешко му на Ариил, на градот Ариил, каде што живееше Давид! Притурете година врз година; нека колат жртви.
2Но Јас ќе го притеснам Ариил; и ќе има плач и тагување; тој ќе остане кај Мене како Ариил.
3Ќе се сместам на логорување околу тебе и ќе те стеснам со набљудувачка стража, ќе подигнам против тебе тврдини.
4И ќе бидеш понизен, ќе говориш како од под земја, и зборот твој ќе биде глув како говор од под прав, и гласот твој ќе биде како глас на мртовец, и зборот твој ќе се шепоти од под правот.
5Твоите непријатели ќе бидат бројни, а угнетувачи на број како развеана плева. И тоа ќе стане ненадејно, во еден миг:
6Господ Саваот ќе те посети со гром и потрес, со силен глас, со бура и виор, со пламен од оган што голта сѐ.
7И како сон, како ноќно видение во сон ќе биде: мноштво од сите народи, што војуваат против Ариил, од сите, излезени против него и тврдините негови, и од оние што го притесниле.
8И како што гладен сонува дека божем јаде, но се разбудува, гладен; и како што жеден сонува дека божем пие, но се разбудува, премален и жеден: истото ќе стане и со множеството од сите народи, што војуваат против гората Сион.
9Чудете се и скаменете се, ослепете и бидете слепи, опијанете се, но не од вино — тетеравете се, но не од жесток пијалак;
10зашто Господ испрати врз вас дух на успивање и ги затвори вашите очи, о пророци, и ги сокри вашите глави, о јасновидци!
11И секое пророштво за вас е како зборови во запечатена книга, што му ја даваат на оној, кој знае да чита книга, и велат: „Прочитај ја“, а тој одговара: „Не можам, зашто е запечатена.“
12И му ја даваат книгата на оној, кој не знае да чита, и велат: „Прочитај ја“; и тој одговара: „Не знам да читам.“
13И рече Господ: „Бидејќи овој народ се приближува кон Мене со устата своја, и со јазикот свој Ме почитува, а срцето негово му останува далеку од Мене, и почитувањето нивно пред Мене е само научено човечко правило;
14затоа, ете, Јас ќе постапам пак необично со овој народ, чудно и чудесно, така што мудроста на мудреците негови ќе загине, и разум во разумните нема да има.“
15Тешко на оние што мислат да се сокријат во длабочината, за да ги скријат своите намери од Господ, кои ги вршат делата свои во мрак и велат: „Кој ќе нѐ види, и кој ќе нѐ дознае?“
16Каква неразумност! Можеме ли да го сметаме грнчарот за глина? Ќе каже ли делото за оној што го направил: тој не ме направи? И ќе каже ли направеното за мајсторот свој: тој не разбира?
17Уште малку, сосема малку, и Ливан нема ли да се претвори во градина, а градината нема ли да се претвори во гора?
18И во тој ден глувите ќе ги чујат зборовите од книгата, и очите на слепите ќе прогледаат од темнината и мракот.
19И оние што страдаат, сѐ повеќе и повеќе ќе се радуваат во Господ, а сиромасите и бедните луѓе ќе воскликнуваат во Светецот Израелов;
20зашто нема повеќе да има силник, хулител ќе исчезне; а ќе бидат истребени и сите што смислуваат зло,
21кои го збркуваат човекот со зборови и му распнуваат мрежи пред портата на Судијата и го отфрлаат правиот.
22Затоа така вели Господ за Јакововиот дом, Оној, Кој го откупи Авраама: тогаш Јаков нема да биде во срам и лицето негово веќе нема да побледува.
23Зашто кога ќе ги види околу себе децата свои, дело на Моите раце, тој свето ќе го почитува името Мое и свето ќе го почитува Светецот Јаковов, со трепет ќе стои пред Бог Израелов.
24Тогаш оние што се со духот заблудени ќе ја познаат мудроста, и непокорните ќе се вразумат.