Isaiah 28
1 Тешко на Самарија, градот со кој се гордеат пијаниците Ефремови! Тешко му на свенатото цвеќе — негов гиздав украс — цвеќе среде наѓубрената долина на замаените од вино!
2 Ете, јакиот и силниот во Господ како пороен дожд со град, како погубна луња, како разлеана поплава од бурни води, со рака ќе ги обори сите на земја.
3 Со нозе ќе биде изгазен градот Самарија, со кој се гордеат Ефремовци.
4 И со свенатото цвеќе — неговиот гиздав украс — цвеќе среде наѓубрената долина, ќе се случи истото, како што станува со смоквата, рано узреана: штом некој ќе ја види, веднаш ја кине со рака и ја изедува.
5 Во тој ден Господ Саваот ќе биде убав венец и славна круна за остатокот од Својот народ.
6 Дух на правосудие за оној што седи во судот и снага за оние, кои го отфрлуваат непријателот од портите.
7 Но и тие се нишаат од виното и го збркуваат патот свој од жесток пијалак: свештеник и пророк се препнуваат од силни пијалаци; победени се од вино, избезумени од жесток пијалак, во гледањето се збркуваат, во судењето се сопнуваат.
8 Зашто сите трпези се полни со одвратни блујавици, нема чисто место.
9 А велат: „Кого сака тој да учи на знаење, и кого да вразумува со проповед? Дали деца, кои се одвикнати од градно млеко, одделени од мајчините гради?
10 Зашто сѐ е заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку и таму малку.“
11 Зашто со неразбирлив говор и на туѓ јазик ќе му се зборува на тој народ.
12 Им говореа: „Еве одмор, дајте му одмор на изморениот, и ете му одмор.“ Но тие не сакаа да слушаат.
13 И стана во нив според словото Господово: заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку, таму малку, — така што тие одејќи да паднат на грб и да се разбијат, да паднат во стапица и да бидат уловени.
14 И така, слушајте го словото Господово, хулители, управници на овој народ, кој е во Ерусалим.
15 Бидејќи говорите: „Сме склучиле сојуз со смртта и со пеколот сме направиле договор: кога ќе минува камшикот, кој казнува сѐ, тој нема да дојде до нас, зашто лагата ја направивме наше засолниште и со измама ќе се прикриеме“, —
16 затоа вака вели Господ Бог: „Ете, Јас полагам во основата на Сион камен, камен испитан, аголен, скапоцен, темелен: кој верува во него, нема да се посрами.
17 Ќе ја поставам правдата за мерило и справедливоста за терезија; врнежи од град ќе го уништат засолништето на лагата, и води ќе го потопат местото на заклонот.
18 И сојузот ваш со смртта ќе биде уништен, договорот ваш со пеколот нема да остане. Кога ќе мине камшикот, кој казнува сѐ, вие ќе бидете згазени.
19 Секојпат кога ќе мине тој, ќе ве фати; а тој ќе оди секое утро, дење и ноќе и само слухот за него ќе предизвикува ужас.“
20 Многу кратка ќе биде постелката, за човек да се протега; многу тесна и покривката, за да се завитка со неа.
21 Зашто Господ ќе се крене, како на гората Перасим; ќе се разгневи, како во долината Гаваон, за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Својата таинствена работа.
22 И така, не потсмевајте се, за да не станат оковите ваши поцврсти; зашто јас чув од Господ Бог Саваот дека е одредено истребување за целата земја.
23 Приклонете го увото и послушајте го гласот мој; бидете внимателни, ислушајте ја речта моја.
24 Земјоделецот секогаш ли ора, за да посее, секогаш ли ора бразди и ја израмнува земјата своја?
25 Не, откако ќе ја израмни површината, тој сее граор, распрскува ким или фрла пченица, на редови и јачмен во определеното место, а најпосле 'рж по сртовите.
26 И на таков ред го учи неговиот Бог; Тој го упатува.
27 Зашто не се врши граор со чукање, ниту тркалата што вршат го газат кимот; туку со стап го чукаат граорот, а со стап го чукаат и кимот.
28 Житото го вршат, но не го дробат; пуштаат преку него вршечки колца со коњи, но не го смачкуваат.
29 И тоа станува од Господ Саваот: чудни се неговите судови, голема е Неговата мудрост!