1Ете, Господ ја опустошува земјата и ја прави неплодна; ја изобличува и ги распрснува оние што живеат на неа.
2Со свештеникот ќе стане исто што и со народот, — со слугата, — исто што и со господарот негов; со слугинката, исто што — и со господарката нејзина; со купувачот, исто што и со продавачот; со оној, кој ќе земе на заем, исто што, и со оној кој дава на заем; со оној, кој дава со интерес — исто што и со оној кој зема под интерес.
3Земјата ќе опустоши до крај и целата ќе биде ограбена, зашто Господ го изрече тоа слово.
4Тагува, нажалена е земјата; опаднала, тажна е вселената; небото пропаѓа заедно со Земјата.
5И земјата е осквернета под жителите свои, зашто тие ги прекршија законите, го изменија уставот, го нарушија вечниот завет.
6Затоа проклетство ја јаде земјата, а жителите нејзини трпат казна; затоа се намалени жителите земни, малку луѓе останаа.
7Плаче гроздовиот сок; боледува лозата; воздивнуваат сите што се веселеа од срце.
8Престана веселбата со тимпани; молкна вревата на оние што се веселеа; стивнаа звуците на харфите;
9не пијат повеќе вино со песни; горчлив е жестокиот пијалак за оние што го пијат,
10разорен е запустениот град; сите куќи се затворени, не може да се влезе.
11Плачат за вино по улиците; исчезна секаква радост; изгонета е секаква веселба од земјата.
12Во градот остана само пустош, портите се искршени.
13А среде земјата, меѓу народите, ќе биде истото, што станува кога маслинки тресат или паберки по гроздобер.
14Тие ќе го кренат гласот свој, ќе ликуваат во величието на Господ, силно ќе воскликнуваат од морето.
15И така, славете Го Господа на исток, по островите морски — славете Го името на Господ, Бог Израелов.
16Од крајот на земјата слушаме песна: „Слава на Праведниот!“ Но јас реков: „Тешко мене, тешко мене! Злодејци зло вршат, на зол начин дејствуваат злодејците.
17Ужас, јама и стапица за тебе, жителе на земјата!“
18Тогаш, оној што ќе избега од викот на ужасот, ќе падне во јама; и кој ќе излезе од јамата, ќе падне во стапица; зашто прозорците од небесната височина ќе се отворат, и основите на земјата ќе се разнишаат.
19Земјата се разрушува, земјата се распаѓа, земјата е силно разнишана;
20земјата се ниша како пијана и се лула како лулка, и беззаконието ѝ тежи врз неа; таа ќе падне — и повеќе нема да стане.
21И во тој ден Господ ќе ја казни небесната војска во висините, и земните царства на земјата.
22И ќе бидат собрани наедно како затвореници во затвор, и ќе бидат заклучени во темница и по многу денови ќе бидат казнети.
23Тогаш месечината ќе поцрвени, и сонцето ќе се засрами, кога Господ Саваот ќе се зацари на гората Сион и во Ерусалим, и пред неговите старешини ќе покаже слава.