1Господи, Ти си Бог мој; ќе Те возвеличам, ќе го славам името Твое, зашто си извршил премудри дела, определени во старо време, вистинити и сигурни.
2Ти го претвори градот во грамада од камења, цврстата тврдина — во урнатини; нема повеќе во градот дворци на туѓинци; никогаш нема да биде обновен.
3Затоа ќе Те прославуваат силните народи; градовите на страшните племиња ќе се плашат од Тебе;
4зашто Ти беше прибежиште на сиромавиот, прибежиште на немоќниот во тешко време за него, заштита од бура, сенка од припек; зашто гневното дишење на насилниците прилегаше на зимска виулица.
5Ти го скроти викањето на непријателите, како припек — во безводно место; како припек со сенка од облак; веселбата на угнетувачите е задушена.
6И Господ Саваот ќе стави врз таа планина за сите народи трпеза со добри јадења, трпеза со чисти вина, со богати и сочни јадења и најчисти вина;
7врз таа планина ќе ја уништи покривката, што ги покрива сите народи, покривка, која лежи врз сите племиња.
8Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ.
9И ќе речат во тој ден: „Еве, Тој е нашиот Бог! На Него се надевавме, и Тој нѐ спаси! Тој е Господ; Него Го чекавме; да се радуваме и веселиме за спасението од Него!
10Зашто раката на Господ ќе почива врз таа планина, и Моав ќе биде прегазен на местото свое, како што се гази слама на буниште.“
11И макар што ги размавна среде него рацете свои, како што ги размавнува оној што плива, но Бог ќе ја понизи гордоста негова заедно со мафтањето на рацете негови.
12И ќе ја собори, ќе ја разруши тврдината со твоите високи ѕидишта, ќе ја кутне на земја, во прав.