Isaiah 22
1 Пророштво за долината на видението. — Што ви е, та сите сте се искачиле на покрив?
2 Шуми граде, кој се брануваш, граде, што ликуваш! Твоите убиени не се убиени од меч, ниту умреле во борба;
3 сите твои водачи бегаа заедно, но беа заробени без да затегнат лак; сите што се најдени кај тебе заробени се заедно, колку и да бегаа далеку.
4 Затоа велам: оставете ме, горко ќе плачам; не трудете се да ме утешувате, поради погибелта на мојот народ.
5 Зашто е ден на вознемиреност, угнетување и збрка во долината на видението од Господ Бог Саваот. Се соборуваат ѕидови, викањето стигнува до планината.
6 И Елам зеде оружје: луѓе со коли, и јавачи, и Кир штитот свој го спрема.
7 И ете, најдобрите твои долини се полни со бојни коли, јавачите се наредија спроти портите,
8 па ја уриваат заштитата на Јудеја; и ти во тој ден погледна кон избраните домови во градот.
9 Видовте дека има многу пукнатини во ѕидиштата на Давидовиот град, па собравте вода во долниот рибник;
10 ги преброивте и ги рушевте куќите ерусалимски, за да се зацврстат ѕидините градски;
11 направивте меѓу двата ѕида собиралиште за вода од старото езеро. А на Оној, Кој го направи тоа, не погледнавте, и не Го гледавте Оној, Кој одамна го одреди тоа.
12 Господ Бог Саваот ве викаше на тој ден да плачете и да тагувате, да се истрижете и да се облечете во вреќиште.
13 Но, ете, веселба и радост! Убиваат волови и колат овни; јадат месо, пијат вино и велат: „Да јадеме и да пиеме, зашто утре ќе умреме!“
14 И ми откри во ушите Господ Саваот: „Нема да ви биде простен тој грев додека не умрете,“ рече Господ Бог Саваот.
15 Вака рече Господ Бог Саваот: „Тргни, оди кај оној дворјанин, при Севна, началникот на дворецот, и кажи му:
16 какво право имаш и кого имаш тука, па си правиш тука гробница? Тој си прави за себе гробница на височината, си прави живеалиште во карпата.
17 Ете, Господ ќе те фрли далеку, како што фрла силен човек и ќе те свитка како клопче,
18 откако ќе те свитка како топка и ќе те фрли во широка земја; таму ќе умреш ти, таму твоите прекрасни коли ќе бидат за подбивање во домот на твојот господар.“
19 „Ќе те турнат од твоето место и ќе те симнат од твоето достоинство.
20 И во тој ден ќе го повикам мојот слуга Елијаким, Хелкиевиот син,
21 ќе го облечам со твојата облека и со твојот појас ќе го препашам, та и власта твоја ќе ја предадам во рацете негови; и тој ќе биде татко на жителите ерусалимски и за домот Јудин.
22 И клучот на Давидовиот дом ќе го ставам на рамењата негови; тој ќе отвори, и никој нема да затвори; тој ќе затвори и никој нема да отвори.
23 И ќе го зацврстувам како клин на цврсто место, тој ќе биде како славно седиште за домот на својот татко.
24 И на него ќе виси целата слава на татковиот му дом, на децата и внуците, на целата покуќнина од чаша до ќупови.“
25 Во тој ден, вели Господ Саваот, ќе се заниша зацврстениот на цврсто место клин, ќе биде изваден и ќе падне, ќе се испокрши сѐ што виси на него, зашто Господ го вели тоа.