Isaiah 21
1 Пророштво за крајморската пустина. — Како што бурите навалуваат од Негев, така доаѓа тоа од пустината, од страшната земја.
2 Страшна глетка ми беше покажана: грабач граби, пустошник опустошува; оди Еламе, опсадувај Мидијо: на сите воздишки ќе им ставам крај.
3 Од тоа бедрата ми треперат; маки ме обзедоа, како маки на родилка. Заглушен сум од тоа што слушам; вознемирен сум од ова што го гледам.
4 Срцето ми трепери: морници ме обземаат; радосната моја ноќ стана ужас за мене.
5 Готват трпеза, постилаат покривки, јадат, пијат. „Станувајте, кнезови, намачкајте ги штитовите!“
6 Зашто вака ми рече Господ: „Оди, постави стражар; нека го јавува тој она што го гледа.“
7 И виде тој дека доаѓаат по двајца јавачи на коњи, јавачи на магариња, јавачи на камили; и претпазливо тој слушаше со големо внимание, —
8 и почна да вика тој како лав: господаре мој, стоев на стража цел ден и на местото свое останував по цели ноќи:
9 и ете, доаѓаат луѓе, јавачи на коњи по двајца. Потоа извика и рече: падна, падна Вавилон, и сите идоли на боговите негови лежат скршени на земјата.
10 О, овршено жито на гумното мое! Она што го чув од Господ Саваот, Израеловиот Бог, тоа и ви го соопштив.
11 Пророштво за Едом. — Ми викаат од Сеир: „Стражару, кое време е во ноќта? Пазачу, кое време е ноќва?“
12 Чуварот рече: „Наближува утрото, но и ноќта. Ако упорно прашувате — прашувајте; вратете се и дојдете.
13 Пророштво за Арабија. — Во гората арабиска ноќевајте, каравани дедански.
14 Жители на темајската земја, носете вода да ги пречекате жедните; со леб пречекајте ги бегалците;
15 зашто тие бегаат од мечот, од гол меч, од затегнат лак и од жестокоста на војната.“
16 Зашто вака ми рече Господ: „Уште една година, еднаква на наемничката година, — и сета слава на Кедар ќе исчезне,
17 кај храбрите синови на Кедар ќе останат мал број стрелци,“ така вели Господ, Бог Израелов.