1Слово, откриено во видението на Амоцовиот син Исаија, за Јудеја и Ерусалим.
2И ете, во последните дни гората на домот Господов ќе биде поставена на врвот од планините и ќе се возвиси над ридовите, ќе појдат кон неа сите народи.
3Ќе тргнат многу народи и ќе речат: „Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бог Јаковов; Тој ќе нѐ научи на Своите патишта и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим — словото Господово.“
4И ќе им суди Тој на народите и ќе изобличи многу племиња; ќе ги прековаат мечевите свои во плугови, а копјата свои — во српови: народ против народ нема да крене меч и нема повеќе да се учат на војна.
5О, доме Јаковов! Дојдете, да одиме во Господовата светлина.
6Но Ти го отфрли Својот народ, домот Јаковов, зашто тие примија многу од источните зла и маѓесници си имаат како Филистејците, и се братимат со синови на туѓинци.
7Се исполни земјата негова со злато и сребро, богатствата крај немаат; се исполни земјата негова со коњи, колите негови број немаат.
8Се исполни земјата негова со идоли: тие се поклонуваат на изработка од своите раце, на она што нивните прсти го направиле.
9Човекот е свиткан, мажот е понижен — не простувај им!
10Влези во пештерата и сокриј се во земјата од страв пред Господ и од славата на Неговото величие.
11Ничкум ќе паднат гордите погледи човечки, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден.
12Зашто иде денот на Господ Саваот против сѐ што е гордо и надуено и против сѐ што е превознесено, — и тоа ќе биде понизено, —
13против сите кедри леванонски, високи и величествени, и против сите дабови башански,
14против сите високи гори и против сите ритчиња што се издигаат,
15против секоја висока кула и против секоја цврста ѕидина,
16против сите таршишки кораби и против сите нивни украси.
17И ќе падне човечкото величие, она што е високо кај луѓето ќе се понизи; само Господ ќе стои високо во тој ден,
18а идолите сосема ќе исчезнат.
19И ќе влезат луѓето во карпести пештери и во земни јами од страв пред Господ и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата.
20Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли, што ги направил за да им се поклонува,
21за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господ и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене Тој да ја потресе земјата.
22Престанете да се надевате на човек, чие дишење е во ноздрите негови, зашто — што знае тој?