1Видение на Исаија, синот на Амоц, кое го виде за Јудеја и Ерусалим, во деновите на јудејските цареви Озија, Јотам, Ахаз и Езекија.
2Чујте небеса и слушај земјо, зашто Господ вели: „Јас воспитав и подигнав синови, а тие се побунија против Мене.
3Волот го познава стопанот свој, и магарето — јаслите на господарот свој, а Израел не Ме познава, Мојот народ не разбира.“
4Ах, народе грешен, народ претрупан со беззаконија, племе на злодејци и синови погубни! Го оставивте Господа, Го презревте Светецот Израелов, — грб Му свртевте.
5Каде уште да ве бијат вас, кои сѐ уште се противставувате? Целата глава ви е во рани, и целото срце ви е изнемоштено.
6Од главата до петите нема во тој народ здраво место, модрици, гнојни рани, нечистени, непреврзани и неомекнати со масло.
7Земјата ви е опустошена, градовите ви се изгорени со оган; нивите ваши пред ваши очи туѓинци ги јадат; и пустош е, како што запустуваат туѓинци.
8Остана ќерката Сионова како колиба во лозје, како колиба во градина, како опсаден град.
9Да не беше ни оставил Господ Саваот мал остаток, ќе бевме како Содом, ќе заприлегавме на Гомора.
10Чујте го словото Господово, кнезови содомски, вслушајте се во законот на нашиот Бог, народе гоморски!
11„Зошто ми се многуте ваши жртви? — вели Господ. Презаситен сум од сепаленици на овни и од маснотија на згоен добиток; крв од телињата, од јагниња и јариња не сакам.
12Кога доаѓате да се јавите пред лицето Мое, кој го бара тоа од вашата рака, кога ќе згазнете на Моите дворови?
13Не принесувајте веќе празни жртви; кадењето е одвратно за Мене; новомесечија, саботи и празнични собранија со беззаконија — не можам да трпам!
14Душата Моја ги мрази вашите новомесечија и вашите празници: тие се товар за Мене, тешко Ми е да ги носам.
15И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам: рацете ваши се полни со крв.
16Измијте се, исчистете се; иставете ги од очите Мои лошите дела свои; престанете да правите зло;
17научете се да правите добро, барајте правда, спасувајте угнетен, заштитувајте сирак, застапувајте се за вдовица.“
18Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и алово црвени — како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур — како волна ќе станат бели.
19Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни;
20ако, пак, не сакате и се противставувате, меч ќе ве истреби! Тоа го рече устата Господова.
21Како справедливиот верен град Сион стана блудница? Во него царуваше правда, а сега престојуваат убијци.
22Среброто ти стана како згура, виното ти е со вода помешано;
23твоите кнезови се престапници на законот и соучесници на крадци; сите тие сакаат подароци и лакомат за награда; не заштитуваат сирак, и поплака на вдовица не стигнува до нив.
24Затоа вели Господ, Господ Саваот, Јунакот Израелов: „О, ќе ја истурам јароста на противниците Свои и ќе им се одмаздам на непријателите Свои!
25И ќе ја свртам против тебе раката Своја и како со пепелница ќе ја исчистам од тебе згурата и ќе го одделам од тебе сето олово.
26И пак ќе поставам судии, како порано, и советници како отпрвин; тогаш ќе говорат за тебе: град на правда, верна престолнина!
27Сион ќе се спаси преку праведен суд, и обратените негови — преку правда.
28За сите отстапници и грешници — погибел, а оние, што Го оставиле Господа, ќе бидат истребени.
29Вие ќе бидете посрамени заради дабовите што ги обожавате, ќе црвенеете од срам заради градините што сте си ги избрале;
30зашто вие ќе бидете како даб, чиј лист свенал и како градина, во која нема вода.
31И силниот ќе биде отпадок, а делото негово — искра; ќе горат заедно, — и никој нема да ги угасне.“