Isaiah 19
1 Пророштво за Египет. Ете, Господ ќе седне на лесен облак и ќе дојде во Египет. И пред лицето Негово ќе затреперат идолите египетски, а срцето на Египет ќе се стопи во Него.
2 Ќе вооружам Египќани против Египќани, — и ќе се бијат брат против брат и пријател против пријател, град со град, царство со царство.
3 Духот на Египет ќе изнемошти во него, ќе ги разруши намерите негови, — и ќе прибегнат тие кон идоли и маѓесници, кон оние што повикуваат мртовци и кон бајачи.
4 Ќе ги предадам Египќаните во рацете на жесток владетел, свиреп цар ќе владее над нив, — вели Господ Бог Саваот.
5 И водите во морето ќе исчезнат, реката ќе секне и ќе пресуши;
6 реките ќе намалат, каналите египетски ќе станат малуводни и ќе се исушат; рогозината и трската ќе овенат.
7 Нивите крај реката, по бреговите на реката, и сѐ што е посеано крај реката — ќе се исуши, ќе биде развеано и ќе исчезне.
8 И ќе заплачат рибари, ќе викаат сите што фрлаат јадици во реката, што поставуваат мрежа во водата, сите ќе бидат очајни;
9 ќе се вознемират оние, што обработуваат лен и што ткаат бели платна;
10 мрежите ќе бидат скинати, и сите што држат рибници за жива риба — ќе паднат со духот.
11 Да! Се избезумија кнезовите цоански; советот на мудрите фараонови советници стана безумен. Како ќе му кажете на фараонот: „Јас сум син на мудреците, син на древните цареви?“
12 Каде се тие? Каде се твоите мудреци? Нека ти кажат тие сега; нека дознаат што определил Господ Саваот за Египет?
13 Се избезумија кнезовите цоански; се измамија кнезовите на Мемфис, го заведоа Египет водачите на неговите племиња.
14 Господ спроведе во нив зашеметен дух, — го доведоа Египет во заблуда во сите негови дела, како пијан кога повраќа.
15 И нема да има во Египет такво дело, кое би можеле да го извршат главата и опашката, палмата и трската.
16 Во оној ден Египќаните ќе бидат како жени; ќе затреперат и ќе се уплашат од движењето на раката на Господ Саваот, што Тој ќе ја крене против нив.
17 Земјата Јудина ќе стане ужас за Египет, кој се сеќава на неа, тој ќе затрепери од решението на Господ Саваот, што го определил Тој за него.
18 Во оној ден пет града во египетската земја ќе говорат на ханански јазик, и ќе се колнат во Господ Саваот; едниот ќе се нарече град на сонцето.
19 Во оној ден ќе има жртвеник на Господ среде египетската земја и споменик на Господ — во нејзините предели.
20 Тој ќе биде знак и сведоштво за Господ Саваот во египетската земја, зашто тие ќе викаат кон Господ од угнетувачите, и Тој ќе им донесе спасител и застапник, и ќе ги спаси.
21 И Господ сам ќе се јави во Египет; во тој ден Египќаните ќе Го познаат Господа и ќе принесат жртви и дарови, ќе Му дадат ветувања на Господ и ќе ги исполнат.
22 И ќе го порази Господ Египет — ќе го порази и ќе го исцели: тие ќе се обратат кон Господ — и Тој ќе ги чуе и ќе ги исцели.
23 Во тој ден ќе има широк пат од Египет до Асирија; и Ашур ќе доаѓа во Египет и Египќани во Асирија; и Египќани заедно со Асирците ќе Му служат на Господ.
24 Во оној ден Израел ќе биде трет со Египет и со Асирија; благослов ќе има на земјата,
25 која Господ Саваот ќе ја благослови, велејќи: „Благословен да е Мојот народ — Египќаните, делото на рацете Мои — Асирците, и наследството Мое — Израел.“