Isaiah 17
1 Пророштво за Дамаск. Ете, Дамаск се исклучува од бројот на градовите и ќе биде куп од урнатини.
2 Градовите Ароерски ќе бидат напуштени, — ќе останат за стадата, што ќе си почиваат таму и нема да има кој да ги плаши.
3 Нема да има повеќе Ефремова тврдина, ни дамаско царство и остатокот од Арам; со нив ќе стане исто, што стана со славата на синовите Израелови, вели Господ Саваот.
4 Во оној ден ќе се намали славата на Јаков, и полното тело негово ќе ослабне.
5 Ќе биде како по собраното жито од жетварот, кога раката негова ќе ги ожнее класовите и кога ќе ги соберат класовите во Рефаимската Долина.
6 И ќе останат во него, како што станува при тресење маслинки, две — три зрна да останат на самиот врв или четири — пет на плодните гранки, вели Господ, Бог Израелов.
7 Во оној ден ќе го сврти човек погледот свој кон својот Создател, очите негови ќе бидат управени кон Светецот Израелов;
8 и нема да сврти очи кон жртвениците, дело на рацете свои; нема да го погледне она што го направиле прстите негови, идолите на Ашера и идолите на сонцето.
9 Во оној ден утврдените негови градови ќе бидат како урнатини во гори и по планински врвови, оставени пред синовите Израелови и сѐ ќе биде пусто.
10 Зашто ти Го заборави Бога на твоето спасение, не се сеќаваше на Карпата на твоето засолниште; затоа ти си уредил градини за веселби и си насадил прачки во туѓи лозја.
11 Во денот, кога садеше, ти се грижеше насаденото да расте, и посеаното од тебе да цути; но во денот кога ќе собираш, ќе нема куп жетва, туку голема жалост.
12 О, шум од многу народи! Шумат тие како што шуми морето. Викање на племиња! Викаат тие како што бучат бујните води.
13 Викаат народите како што бучат бујните води; но Тој ги заплаши, — и тие избегаа далеку; беа разгонети како плева по планините од ветар и како прав од виор.
14 Вечерта — еве ужас, но пред утрото веќе ги нема. Таков е делот на нашите грабачи, ждрепката за нашите разрушители.